Дефанзивецот на ПСЖ, Серхио Рамос, им се извини на домашните навивачи по синоќешниот пораз од Баерн во првиот осминафинален натпревар во Лигата на шампиони (ЛШ), најавувајќи дека францускиот шампион ќе се обиде да ја надомести негативата на реваншот во Минхен.
Баерн триумфираше синоќа во Париз со 1-0 со голот на Кингсли Коман во 53 минута, а предност по првиот осминафинален натпревар стекна и Милан, совладувајќи го на домашен терен Тотенхем со 1-0.
„Многу сум разочаран поради навивачите“, изјави Рамос по натпреварот во Париз.
„Мораме да покажеме повеќе карактер во реваншот. Сакаме да победуваме и да бидеме на највисоко можно ниво, но тоа е фудбалот. Понекогаш играме добро, понекогаш играме лошо“, додаде Рамос.
Во ЛШ вечерва на програмата се првите осминафинални пресметки меѓу Борусија Дортмунд – Челзи и Клуб Бриж – Бенфика.