Ветуваа живот и борба со корупцијата а во суштина донесоа историски најголема корупција, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање како го коментира извештајот на меѓународната организација World Justice Project за мерење на индексот на владеењето на правото во државата, посочува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски смета дека високиот степен на криминал и корупција, како и невладеење на правото во државата се причина поради која граѓаните не гледаат надеж и се иселуваат од државата, укажувајќи дека одредена политичка елита која е блиска до владата на ДУИ поддржана од СДСМ е заштитена како бела мечка.
Јасно се гледа дека корупцијата и криминалот во Македонија, како и невладеењето на правото практично се клучните проблеми зошто имаме и економска стагнација и зошто луѓето се отселуваат и губат надеж дека не може да биде подобро, бидејќи очигледно е дека имаме определена политичка елита која арбитрира околу владата на ДУИ поддржана од СДСМ и таа е практично заштитена како бела мечка што и да направи, било каков криминал таа останува заштитена. И тоа предизвикува чувство на разочарување кај луѓето, а тоа чувство на разочарување се префрла потоа и во перцепцијата и во амбиентот во општеството, посочи тој.
Од ова рангирање може да забележите дека ако се споредат два период 2015та и 2022 година ќе видете дека кога станува збор за корупцијата, таа е двојно влошена. Нели ветуваа живот и борба со корупцијата а во суштина, донесоа историски најголема корупција, и доколку се забележи втората ранг листа тоа е ранг листата за владеење на правото ќе видите дека Македонија се наоѓа од 60тото место мислам дека беше ако не се лажам 66то, додека пак 2015тата била на 40то место. Што значи дека и тука за повеќе од 50тина проценти е влошена перцепцијата односно состојбата со владеењето на правото, рече Мицкоски.
Мицкоски потенцираше дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ која што покрај реализирање на проектите, одлучно ќе спроведе борба против криминалот и корупцијата како и криминалците во политиката.
За жал имаме состојба во која што владее корупцијата, а не владее правото и владеат заштитени политички елити на владата на ДУИ поддржана од СДСМ. Но, набрзо од денес ќе дојде една друга влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ која што мотивирано покрај реализирање на ветеното ќе се впушти во одлучна борба со криминалот и корупцијата и криминалците во политиката, дециден е претседателот Мицкоски.