Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во обраќањето на Самитот на Букурешкиот формат (Б-9) во Варшава, изјави дека посетата на американскиот претседател Џо Бајден на Киев испратила јасна порака за непоколеблива поддршка за Украина и американската „цврста посветеност на безбедноста на Европа“.

Столтенберг се обрати по Бајден и рече дека е „многу задоволен и импресиониран“ од „извонредното лидерство“ на американскиот претседател.

Тој посочи дека рускиот претседател Владимир Путин „се подготвува за нова војна“ и дека НАТО сојузниците мора да ја одржат и да ја зајакнат поддршката за Украина.

– Мораме да ѝ го дадеме на Украина тоа што ѝ е потребно за да победи. Не знаеме кога ќе заврши војната, но кога ќе заврши, мораме да обезбедиме историјата да не се повтори. Видовме руска агресија во текот на многу години – Грузија во 2008 година, Крим и Донбас во 2014 година, а потоа и целосна инвазија на Украина минатата година. Не можеме да дозволиме Русија да продолжи да ја поткопува европската безбедност. Мора да го прекинеме кругот на руска агресија. Сојузниците на НАТО никогаш не биле пообединети, изјави Столтенберг.