За повеќе од половина домаќинства во Грција, месечниот приход не доволен за цел месец и трае само 18 дена, поради растот на цените на енергијата и храната, пишува онлајн изданието на грчкиот весник „Вима“, пренесувајќи ги резултатите од истражувањето на Институтот за мали бизниси на Грчка конфедерација на професионалци, занаетчии и трговци (ГСЕВЕЕ).
Од годишното истражување за приходите на домаќинствата и трошоците за живот во 2022 година произлегло дека 51,9 отсто од домаќинствата очекуваат оваа година нивната финансиска состојба да се влоши, а 52,4 проценти сметаат дека месечниот приход е доволен, во просек за само 18 дена.
За речиси шест од десет домаќинства, поскапувањата на струјата и на прехранбените артикли се категориите кои имаат најголемо негативно влијание врз нивните приходи, по што следат поскапувањата на бензинот (28,5 отсто) и нафтата за греење (23,2 проценти).