Вицепремиерот Бојан Маричиќ во интервју за „Макфакс“ ја коментира драстично намалената вредност на имотот на Сашо Мијалков, кој треба да му се заплени по признанието вина во случајот „Империја“. По сторијата на „360 степени“, каде што објавија дека имотот, наместо 30 милиони евра, вреди 15 милиони евра – Маричиќ порача одговорност да се бара во Обвинителството што се спогодувало.
„Министерот за правда и Владата имаат ингеренции да создаваат услови. Не може тие да работат наместо Обвинителството. Не може Обвинителството да преговара со обвинетите за постигнување спогодба за признавање вина, а кога ќе излезе нешто вакво, ние да бидеме виновни.
Прашан зошто не реагирале навреме, Маричиќ вели: „Бидејќи Обвинителството објави дека има 30 милиони евра за замрзнување на Мијалков“. На повторното прашање зошто не провериле дали тоа е точно, вицепремиерот додава: „Јас не бев ни министер за правда. Обвинителството може автономно да одлучува“.
„Дали постои друга држава во регионот која има толку пресуди против поранешен премиер, поранешни министри за внатрешни работи?“, праша Маричиќ, а на забелешката дека јавноста повеќе не се возбудува на такви работи, тој допраша: „А на што се возбудува јавноста?“
Според него, вината за тоа што вредноста на имотот на Мијалков не е 30 милиони евра, туку 15 милиони евра, е кај Обвинителството: „Треба секоја институција да сноси одговорност. Немам овластување да проверувам, или кој било министер, дали имотот вредел 30 милиони. Тоа е задача на Обвинителството“.
Одговараше и на прашањето дали треба да се отвори постапка за обвинителката Лиле Стефанова, која го водеше случајот „Империја“, од кој произлезе запленувањето на имотот на Мијалков.
„Не е важно дали јас ѝ верувам на Лиле Стефанова“, рече Маричиќ.
„Судската и обвинителската фела треба да се потрудат да се крене рејтингот. Не може само Владата. Не може да бидат независна власт и да сакаат Владата да ги реши сите проблеми“, додаде Маричиќ.
За тоа што мисли Маричиќ за прашањето како вредноста на имотот на Мијалков од 30 милиони евра падна на 15 милиони евра, повеќе во интервјуто на „Макфакс“.