Северна Кореја тврди дека околу 800.000 нејзини граѓани доброволно се пријавиле да се приклучат на армијата за да се борат против САД, објави вчера државниот весник.
– Само вчера околу 800 000 студенти и работници изразија желба да се пријават во војска за да се одбранат од САД, објави весникот Родонг Синмун.
Соопштението дојде откако Северна Кореја во четвртокот лансираше интерконтинентална балистичка ракета „хвасонг-17“ како одговор на американско-јужнокорејските воени вежби.
Севернокорејските балистички ракети се забранети со резолуции на Советот за безбедност на ОН, а последното лансирање беше осудено од владите во Сеул, Вашингтон и Токио.
Јужнокорејските и американските трупи во понеделникот почнаа со 11-дневни вежби „Штитот на слободата 23“ на ниво што не е забележано од 2017 година.
Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун ги обвини САД и Јужна Кореја дека ги зголемуваат тензиите со воени вежби.