Фудбалерот на Јувентус, Кристијано Роналдо е убеден дека заслужува по шести пат да ја добие „Златната топка“. Роналдо минатата сезона со Реал стигна до третиот трофеј во низа во Лигата на шампионите постигнувајќи 44 гола во сите натпреварувања.
Негов „хендикеп“ е раната елиминација со Португалија на Мундијалот во Русија каде стигна само до осмина финалето, но Роналдо не се предава.
– Заслужувам повторно да бидам на врвот. Мојот учинок говори сам за себе. Не ме отпишувајте. Знам дека сум еден од најдобрите фудбалери на сите времиња. Сакам по шести пат да ја освојам Златната топка, изјави Роналдо.
За разлика од Португалија, Франција стана светски шампион, па членовите на „триколорите“ Гризман, Мбапе, Варан, му се сериозни противкандидати.
Тука е Хрватот Лука Модриќ кој веќе доби признанија од УЕФА и од ФИФА за фудбалер на годината.
Кој ќе ја добие наградата „Златна топка“ за најдобар фудбалер во 2018 година ќе биде познато на 3 декември во Париз.