Минатата недела жители на Ржаничино побарале помош од Анима Мунди. Ги известија дека штрковите кои од топлите краишта се вратиле во селото се оневозможени да свијат гнезда и создадат семејства, поради замена на старите бандери во селото со нови бетонски столбови од страна на ЕВН.
– Стануваше збор за неколку пара од овие птици преселници, кои се вратија во родниот крај за да создадат подмладок, но на новите бандери немаа како да свијат гнезда. Се обративме во ЕВН и побаравме нивна интервенција за да се заштитат, да се избегне нарушување на нивната биолошката динамика и избегнат низа опасности по птиците, особено малите штркови. Сакаме да информираме дека на барањето ни беше одговорено веднаш, а веќе по неколку дена проблемот беше решен, велат од Анима мунди.
За неколку дена, додаваат тие, екипи на ЕВН дојдоа во селото и поставија метални гнезда на сите посочени локации, а птиците веднаш слетаа на своите стари локации за да прават нови гнезда.
– Оваа вест е важна за да ја охрабриме хуманоста секогаш и секаде, кон секое живо суштество, а воедно и да ја поттикнеме и засилиме општествената одговорност кон животните, велат од здружението за заштита на животните.