Ако Собранието не ги донесе законските измени со кои ќе се овозможи работниците што ќе работат на автопатите да бидат работно ангажирани 60 часа во неделата државата од буџетот на основ на отштета ќе треба еднократно да и исплати на американско – турската компанија 53 милиони евра народни пари за пенали.
Доколку не се исполни овој услов тоа ќе значи дека рокот за изведбата ќе треба да се продолжи најмалку за половина година.
На страницата 427 од документот Schedule 18, станува збор за тоа какви пенали ќе му плати Работодавецот на Контракторот, во случај да не обезбеди 60-работна недела за неговиот персонал, во рок од 45 дена од потпишувањето на Договорот.
На фотографијатa на страницата 427 објавена од страна на Плусинфо, јасно се гледа дека пишува дека на целиот персонал на Контракторот ќе му биде овозможено легално да работи 60 часа неделно.
Кaко што може да се прочита, тука пишува дека времето на извршување на договорените работи и цената зависат од претпоставката дека на целиот персонал на Контракторот ќе му биде овозможено легално да работи 60 часа неделно. Оваа одредба очигледно е предвидена поради фактот дека македонските власти неодамна ја скратија работната недела и го прогласија денот недела за неработен.
Во точката „i“ пишува дека неисполнувањето на таа обврска ќе значи продолжување на рокот на работите за најмалку 6 месеци.
Во точката „ii а“ на оваа страница се зборува за тоа дека ако овој услов не се исполни, минимална сума од 53 милиони евра еднократно ќе биде додадена на почетната сума од 117 милиони евра што ќе ја плати Работодавецот. Овие 53 милиони евра ќе бидат исплатени во рок од 15 дена по истекувањето на рокот од 45 дена, кога Работодавецот треба да обезбеди 60-часовна работна недела за персоналот на Контракторот.
Во точката „ii b“ пишува дека капиталните индиректни трошоци, кои се плаќаат месечно, ќе пораснат за најмалку 1.265.000 евра месечно.
Во точката „ii c“ се спомнува уште еден пенал, сума од 900.000 евра месечно, што Работодавецот, ако добро разбираме, ќе ја плаќа од моментот кога истекол рокот од 45 дена да обезбеди 60-часовна работна недела, до моментот кога можеби ќе успее да усвои таква законска измена.
Потретседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, тврди дека имал увид во договорот и вели дека доколку во рок од 45 дена од потпишувањето на истиот Владата не ги донесе законските измени ќе мора да плаќа пенали по три основи, државата еднократно ќе ѝ исплати на ‘Бехтел и енка’ 53 милиони евра, секој месец ќе доплаќа по дополнителни 1.265.000 евра на веќе постојните трошоци коишто треба да се платат во договорот, а на ова дополнително ќе треба да се платат уште 900.000 евра секој месец, тврди Николоски.