За голем дел од јавноста и опозицијата планираните автопати на Ковачевски и Груби водат кон ќорсокак во државава, кршење закони, права на работници итн. а за власта тие се само проекти кои ја носат Македонија во подобра иднина.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера изјави дека е лага и ширење невистини тоа што се говори во врска со Договорот за коридорите 8 и 10д со конзорциумот „Бехтел и Енка“, посочувајќи дека единствено што знае опозицијата е да шири хистерија и лаги и да го блокира Собранието, каде во процедури се измените на осум закони поврзани со Договорот.
Првиот вицепремиер Артан Груби, пак, рече дека со или без законските измени автопатите на коридорите 8 и 10д ќе се градат, додавајќи дека Договорот со изведувачот „Бехтел и Енка“ е класифициран на барање на конзорциумот и затоа не смеат да се објавуваат деталите. Од друга страна, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го повика претседателот Стево Пендаровски да не ги потпишува законските измени поврзани со коридорите 8 и 10д. Шефот на државата, пак, завчера изјави дека ќе ги чека финалните верзии на пакетот закони, пред да одлучи дали ќе ги потпише указите.
Премиерот Ковачевски вчера повторно ги повика владите на САД и на Турција да кажат дали во изминатите две години, откако се подготвува овој проект, некој од нашата држава од нив или од нивни компании побарал нешто.
Според премиерот, ВМРО-ДПМНЕ повторно потврди дека единствено знае да шири хистерија и лаги и да го блокира Собранието. Тоа го правеше, нагласи тој, со сите битни законски решенија и со сите големи инфраструктурни проекти.
– Договорот со „Бехтел и Енка“ е јавно потпишан врз основа на посебен Закон, одобрен во Собранието од сите пратеници. Ги има поминато сите законски процедури за склучување. Договорот во над 400 страници ги дефинира условите за изградба на автопатот. Има и измени на неколку закони за обезбедување услови за забрзување на постапката за изградба на овие две големи делници. Намерата е да се изгради модерен автопат за пет години, со сума соодветна за таков проект. Пратениците имаат можност да ги одобрат тие одредби според процедурите. Сите други одредби во законот се согласно специјалниот закон што е донесен, рече Ковачевски.
Во врска со наводното зголемување на работната недела од 40 на 60 часа, тој повторно кажа дека се работи за законска измена, што се однесува само на ваков стратешки проект од национален интерес, а интенцијата е на секој работник кој ќе сака да работи повеќе од законски пропишаното, доброволно, да му биде платен секој прекувремен час и да добие 50 отсто поголема дневница во недела, со што, како што рече, ќе останат повеќе пари во државата, ќе се забрза изградбата на коридорите и ќе се намали сумата на чинење на проектот и оти останува на пратениците тоа да го разгледаат.
– Сите лаги што ги кажува ВМРО-ДПМНЕ ќе се демантираат. Единствено што гледаме секое утро се лаги, невистини и хистерија кои ги шири опозицијата. Се што кажаа досега, излажаа. Прво, за нашиот пат во ЕУ рекоа дека ќе сме го изгубеле македонскит јазик, лажеа, потоа зборуваа дека ќе сме биле асимилирани, помина скоро цела година од прифаќање на европскиот предлог, но ние сме Македонци и таа лага падна во вода. Сега мора да измислат нова лага за да избегаат од најголемата лага – изборот на градоначалник на Скопје. ВМРО-ДПМНЕ кандидираше градоначалник, две години од мандатот поминуваат, ниту еден проект немаат направено, се што беше претходно почнато, е заглавено. Погледнете ги проектите за 11 години на ВМРО-ДПМНЕ, на пример автопатот Кичево – Охрид, почнат беше во 2013 година со погрешена траса и неколку години требаше да се менува целиот проект. Тие така работат што точно се гледа од судските случаи кои ги имаат. Дали некој зел нешто, така размислуваат, истакна Ковачевски.
Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Груби, кој воедно е и координатор за изградба на овие автопатски делници, пак, на брифинг со новинарите, рече дека доколку работната недела на работниците што ќе работат на изведба на коридорите 8 и 10д биде 60 часа неделно, како што бара изведувачот „Бехтел и Енка“, проектот ќе се реализира за 4,7 години и ќе чини поевтино, а доколку е 40 часа неделно ќе трае над шест години и ќе чини поскапо. Не се работи, како што истакна Груби, за плаќање пенали доколку работното време не биде 60 часа, туку за побавна реализација на проектот.
Според него, секаде каде што работеле „Бехтел и Енка“ работната недела била 60 часа, а работниците потпишувале пишана согласност да работат толку време и им бил платен секој работен час.
Тој прецизира дека договорот со изведувачот „Бехтел и Енка“ е класифициран на барање на конзорциумот и затоа не смеат да се објавуваат деталите. На истиот начин работеле и при изградбата на автопатите во регионот, поточно во Хрватска, Србија, Косово и Албанија. Кај нас, како што рече Груби, договорот со „Бехтел и Енка“ веќе го има и Јавното обвинителство, кое отвори постапка по допрен глас за проектот за изградба на коридорите 8 и 10 д.
Според министерот за економија Крешник Бектеши, договорот е класифициран бидејќи е деловна тајна начинот на работа на конзорциумот, кој котира на берзите и со евентуално објавување на делови од договорот може да се влијае на неговото котирање на берзата. Тој додаде дека такви договори земјава имала потпишано и за речиси сите инвестиции во ТИРЗ.
Директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми посочи дека слични договори кои не се јавни имаат и со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и оти изборот на изведувачите се прави врз основа на критериумите на ЕБОР.
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска вчера изјави дека со измените и дополнувањата на Законот за работни односи, поврзани со коридорите 8 и 10д и 60-часовната недела се предвидува за ангажирање на работници за прекувремена работа со нивна согласност.
Тренчевска рече дека понекогаш процесите за изградба на инфраструктура бараат итност, а некои не можат да се прекинат. Оваа одредба би била неуставна, додава таа, само доколку 60-часовната недела се однесува на сите работници.
– Неуставна одредба е ако донесеме право на сите работници. Кај нас неделното работно време е 40 часа. Овде велиме за исклучителни проекти, за проекти кои се од стратешки и национален интерес на државата. Не за сите работици. Само онаму каде што процесот бара да биде завршен во одредено време, затоа што во градежништвото има процеси каде што не се дозволува да има одмор туку додека не се заврши процесот да се работи. Во тој случај се дозволува прекувремена работа на работниците. Тоа е предлогот којшто е даден во Собранието од страна на пратениците, кажа Тренчевска.
Вицепремиерката Грковска, пак, вели дека не гледа причини Договорот за изградба на коридорите 8 и 10 д со „Бехтел и Енка“ да не биде објавен, освен, доколку тоа не е предвидено со клаузула во самиот договор.
– Јас не гледам причина зошто договорот да не биде објавен. Станува збор за стратешки договор од национален интерес, не сум сигурна во моментов, ќе проверам дали има евентуално некоја клаузула што би го спречувала тоа. Во спротивно, пак ќе кажам, тоа е договор од национален и стратешки интерес и не мислам дека треба да биде сокриен од јавноста, изјави таа на новинарско прашање пред промоцијата на проектот „Преосмислување на управувањето“.
Што се однесува до законските измени во насока на зголемување на работната недела од 40 на 60 часа, а кои се однесуваат само на реализацијата на проектот за коридорите, Грковска очекува да се разјаснат работите за време на дебатата за законите во Парламентот.
Прашана во однос на можноста тоа да биде злоупотребено од работодавачите, вицепремиерката апелираше до сите надлежни иснтитуции да се дојде до решенија кои тоа ќе го оневозможат.
Mинистерот за транспорт и врски Благој Бочварски вчера во просториите на Министерството оствари работна средба со претставниците на Сојуз на синдикати на Македонија и претставници од Здруженито на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите, на која се разговарало за пакетот законски измени кои се опфатени за изградба на Коридорите 8 и 10-Д, посебно во делот на надлежностите на Министерството за транспорт и врски, односно Законот за градење и Законот за урбанистичко планирање.
Бочварски го потенцираше проектот за доизградба на Коридорот 8 и Коридорот 10-Д како најзначаен инфраструктурен капитален проект со стратешко значење, на кој се посветува огромно внимание и посочи дека претставува огромна можност домашната градежната оператива да биде вклучена во неговата реализација.
Тој побара целосна поддршка од градежните комори се со цел брза, навремена и ефикасна изградба на автопатските делници на споменатите коридори.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, го повика претседателот на државата Стево Пендаровски да не ги потпишува законите поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10д, кои се во собраниска процедура.
Мицкоски вчера во одговор на новинарски прашања обвин дека целиот процес околу изградбата на коридорите се одвива нетранспарентно и јавноста нема увид во договорот.
– Сега излегуваат со некакви соопштенија каде што велат дека не се плаќаат пенали, туку биле дополнителни трошоци. Човек да не може да се изначуди на нивната глупост на отворена сцена. Затоа го имаме Пендаровски кој во улога на аналитичар се служи со народни мудрости, наместо да каже што ќе преземе. Јас го повикувам да не се крие позади Собранието и да излезе да се одважи и тие законски решенија кои ќе дојдат кај него да не ги потпише. Да не го суспендираме правиот поредок во државата и Уставот и еднаш во овие пет години како претседател да одработи во интерес на граѓаните и државата, изјави Мицкоски при денешната посета на општина Аеродром.
Во однос на ставот на Владата за продолжување на работните часови од 40 на 60 часа, Мицкоски рече дека вчерашниот владин одговор не заслужува никаков коментар, но посочи дека тоа е кривично дело.
Претседателот Пендаровски завчера за централниот дневник на телевизија „Сител“ изјави дека ќе ги чека финалните верзии на пакетот закони пред да одлучи дали ќе ги потпише указите.
Собраниската Комисија за труд и социјална политика вчера втор ден по ред ја продолжи расправата по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи, по скратена постапка, кој е дел од пакетот закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10д.
Пресметката дека проектот ќе чини 1,3 милијарди евра е направена врз основа на предложената траса од „Бехтел и Енка“ на која се предвидува да се градат автопатите за која е направена физибилити студија од „Грант Тортон“, која покажува дека 55 проценти од земјиштето на трасата е во приватна сопственост, а 45 во државна. Согласно тоа и просечната цена, е проценето колку пари ќе требаат за експропријација.
Изведувачот „Бехтел и Енка“ ќе изготвува проекти на дел по дел од автопатите, а паралелно ќе се врши и експропријација на земјиштето. Секој посебен проект мора да го одобрат ЈП за државни патишта и Министерството за транспорт и врски. Проектот ќе се одобрува откако ќе заврши експропријацијата.
Доколку се донесат законските решенија „Бехтел и Енка“ предвидуваат да градат по 23 километри автопат годишно, а кај нас досега се граделе по 5,8 километри автопат годишно. За изведувачот се предвидени дополнителни плаќања, доколку не го запази рокот на градба. На Коридорот 8 прво ќе стартува изградбата на автопатот Тетово – Гостивар, а потоа на Гостивар – Букојчани и делот од автопатот Кичево – Охрид, што ќе води кон новиот граничен премин со Албанија кај Радолишта, наместо до Ќафасан каде што е сега