Македонскиот кардиолог и член на МАНУ, професор д-р Сашко Кедев освои уште еден светски врв, се искачи на Анапурна на Хималаите.
Кедев утрово го освои еден од десетте највисоки врвови на Хималаите и светот Анапурна, кој е и еден од најтешките за искачување. Ова е прва експедицијата во 2023 година што го освојува врвот Анапурна.
Професорот Кедев е дел од експедиција со 4 други планинари.
„Возбудени сме што можеме да ја споделиме веста дека 5 клиенти и 7 шерпи од Imagine Nepal стигнаа до врвот на планината Анапурна во 11:15 часот на 15 април 2023 година. Ова е првото освојување на врв во сезоната на планината над 8.000 метри. Честитки за тимот и враќање на безбедноста!”, пишува во официјалната информација за експедицијата.
Покрај Кедев и седумте шерпаси се искачија уште 4 алпинисти во истата експедиција: Ванг Жонг-Кина, Наоки Ишикава-Јапонија, Сашко Кедев-Македонија, Марија Александра Данила-Романија и Надја Лиза Косо-Англија.
Анапурна е низа од планински врвови во Непал на венецот Хималаи, од кои највисокиот, Анапурна I, претставува еден од четиринаесетте планински врвови повисоки од 8.000 метри, и со висина од 8091 метар е десеттата највисока планина на светот. Се наоѓа источно од големиот кањон на реката Кали Гандаки, кој го дели од масивот Даулагири.
Претходно Кедев се искачи на сите највисоки врвови на сите светски континенти, а во повеќе наврати се искачи на најтешките и највисоки врвови на Хималаите и со тоа на светот.