Подготвил: Дарко ЈАНЕВСКИ
Постои долга црковна традиција, која оди наназад до времето на првите црковни отци, дека откако Исус умрел, заминал до пеколот. Теоријата и верувањето велат дека ги ослободил тие кои биле таму, ги ослободил од заробеништвото, затоа што тој умрел не само заради нашите гревови, туку и за да ја манифестира својата моќ над Сатаната.
Понекогаш, теоријата се нарекува доктрина на Исусовата победа, победа на доброто над злото. Значи Господ се симнал во пеколот и ги ослободил тие кои биле во заробеништво на Сатаната, односно под негова контрола, и ги однел во рајот.
Тоа го има во учењето на апостолите и е создадена долга традиција на верување дека Исус во тој период меѓу смртта и воскреснувањето, од петокот околу 15 часот (во деветтиот час, броејќи од шест часот наутро кога спроед Евреите почнувал денот) кога ја испуштил душата, до воскреснувањето во недела, бил во пеколот.
Овој заклучок се извлекува од Посланието на Павле до Ефесјаните, глава 4, стихови 7 и 8, во која се зборува за две работи:
Првата е во стих 7 каде се вели дека „на секого од нас благодатта му е дадена според мерката на дарот Христов“, а втората е во стих 8 каде се вели: „Издигајќи се на височина, плени плен и им даде дарови на луѓето”.
Вториот стих е клучен: Исус ги пленил заробениците и им дал дарови, ним и на луѓето, оносно нив ги ослободил од зарбеништвото и ги однел во рајот, а на луѓето им дал ослободени, трансформирани демони кои сега работат за Христа.
Ова е теоријата и толкувањето. Во прилог на ова, се наведува и Второто Послание на Петар, глава 2 стих 4 каде се вели:
„Зашто Бог, кога не ги поштеди ангелите што згрешија, туку ги турна во пеколот со вериги на мракот, ги предаде да бидат пазени за судот“.
Не знаеме за кои и какви ангели се работи. Ангели кои станале демони. Можеби станува збор за ангелите од Битието, глава 6, за ангелите кои кохабитирале со луѓето… Но, не знаеме точно кои се тие.
Со други зброови, група противници на црквата, биле држени во заробеништво до конечниот суд во иднина. Така се чита и толкува стихот седум од Ефејсаните и стихот осум кој е врзан за него, дополнето со цитираните стихово од Второ Петрово Послание. Група противници се трансформирани и преку црквата им се дадени како дар на луѓето, да работат за вистината преку црквата која е телото Христово.
Друг дел кој ја поткрепува теоријата за одењето на Исус во пеколот е Првото Послание на Петар, глава 3 стих 18 каде се вели:
„Бидејќи и Христос, за да нè приведе кон Бога, еднаш пострада за гревовите наши, праведник за неправедните; вистина, мртов по тело, но оживе духом…“
Овде е смртта на Исус, но тој продолжува да живее со духот, па следи стих 19:
„…со кого, откако слезе, им проповеда и на духовите, кои беа во темнина“.
Некои црковни теолози тврдат дека ова е сведоштво дека Исус се симнал во пеколот и им го проповедал евангелието, вистината, на духовите. Други велат дека не е точен зборот проповедал, не е точен преводот, туку станува збор за прокламација. Значи, едноставно им кажал – ова е вистината.
Тука, во стих 20 се дава одговор на прашањето кои се тие демони, односно ангели кои биле казнети:
„… и кои некогаш не се покорија, кога Божјата долготрпеливост ги очекуваше, во деновите на Ноја, при правењето на ковчегот, во кој малкумина, односно осум души се избавија од водата“
Значи тоа се тие кои не се покрориле во деновите на Ное кога се правел ковчегот и кога само осуммина се спасиле од водата.
Во стих 21 апостол Петар се осврнува на крштевањето велејќи дека образот на таа вода „крштевањето, но не отстранувањето на телесната нечистотија, туку ветувањето на Бога – добра совест – нè спасува сега и нас преку воскресението на Исуса Христа“.
Па продолжува во стих 22 за Исус: „Кој, откако се вознесе на небото, е оддесно на Бога, а Кому Му се покоруваат ангелите, властите и силите“.
Тоа е дополнение на претходните аргументи за Исусовиот престој во моментите меѓу распнувањето и воскресението.
Значи, Исус бил во пеколот да ги ослободи ангелите кои не се покориле, кои се оддале на Сатаната и кои сега добивајќи простување биле ослободени, добивајќи можност да работат за Христа, а во полза на луѓето.
Сепак, има и поинакви становишта. На пример, теологот д-р Брус Вар не го поддржува ова мислење за одењето на Исус во адот. Тој има поинаква теорија и смета дека за нејзе има доказ во Библијата.
Тој доказ произлегува од Евангелието по Лука. Тоа е единствено Евангелие во кое читаме за разговорот на Исус со двајцата криминалци кои се распнати покрај него, едниот од едната страна, другиот од другата.
Едниот од двајцата, очигледно верува во Христа, но Лука за другиот вели:
„Еден од распнатите злочинци хулеше на Него, велејќи: „Ако си Ти Христос, спаси Себеси и нас!”
А во следниот стих 40, 41, тој кој верува во Христа, го прекинува:
„А другиот, кога одговори, го искара и рече „Зар и од Бога не се боиш, кога си веќе и сам осуден?
Ние сме праведно осудени, зашто примивме заслужена казна според нашите дела; но Он ништо лошо не направил. И Му рече на Исуса: „Сети се на мене, Господи, кога ќе дојдеш во царството Свое!”
А Исус, стих 42, му рече: „Вистина ти велам: денес ќе бидеш со Мене во рајот!”
Овие стихови покажуваат нешто друго, вели д-р Вар. Исус не отишол во пеколот или како што некои велат, во адот, кој е различен од пеколот и кој е привремено место за тие кои сториле лошо и го чекаат судењето, туку заминал во рајот.
Тоа е месттото за кое Павле во Второто Послание до Коринтајните, во глава 12 вели дека го посетил, откако Исус го однел таму:
„Знам еден човек во Христа, кој пред четиринаесет години, со тело ли, не знам; без тело ли, не знам: Бог знае, беше грабнат и однесен до третото небо.
-И знам дека тој човек, со тело ли, или без тело – не знам: Бог знае,
– беше грабнат и однесен во рајот и дека чул неискажливи зборови, кои што човек не може да ги искаже“.
Тоа е местото на радост и среќа, место кое не може да се опише со човечки зборови, каде Исус уште „ова попладне“ бил со распнатиот криминалец кој верувал во него.
Впрочем и Библијата не учи дека по смртта, ние сме без тело, но продолжуваме да живееме, тие кои што верувале, со Исус, чекајќи го нашето воскресение по второто доаѓање на Исус.