Денеска истекува петнаесетдневниот рок на Владата за доставување на нацрт амандманите на Уставот до Собранието.
На 19 октомври Собранието со 80 гласа донесе одлука за пристапување кон уставни измени, во согласност со Договорот од Преспа. За одлуката гласаа и осуммина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кои подоцна формираа независна пратеничка група и со кои премиерот Зоран Заев имаше консултации поврзани со уставните измени врз основа на нивните барања.
На вчерашната средба меѓу премиерот Зоран Заев и осумте пратеници од новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ беше договорено Владата до доцна вечерта во текст да го преточи тоа што е усно договорено за уставните амандмани на средбата во Собранието на Република Македонија. Потоа текстот треба да им биде доставен на осумте пратенци на консултации и по објавувањето на договореното во јавноста од нивна страна во текот на утрешниот ден Владата на седница да ги утврди нацрт-амандманите за измена на Уставот согласно Договорот од Преспа.
На средбата не е прецизирано дали четирите предложени амандмани од пратеничката група ќе бидат инкорпорирани во нацрт-амандманите што ќе ги достави Владата до Собранието, или ќе бидат поднесени како амандамни на амандманите.
– На првата консултација беа дадени насоките, денеска зборувавме за суштината и мислам дека ги заокруживме. Останува, сега веднаш после оваа изјава, наше повлекување во Владата да го скицираме целиот текст на нацрт-амандманите којшто преточен во текст ќе биде уште еднаш испратен на консултации и верувам до крајот на денот потврден од новата пратеничка група се со цел утре Владата на РМ на владина седница да ги утврди нацрт-амандманите, изјави премиерот Заев по средбата.
Кога се ќе биде утврдено, додаде, јас како претставник на Владата објавувајќи ги нацрт-амандманите ќе го посочам каде и што е вградено.
Владата на денешната 99. седница ги разгледува нацрт амандманите на Уставот на Република Македонија, што денеска треба да ги достави до Собранието на Република Македонија.
Како што соопшти владината прес-служба, на дневниот ред се и Информацијата за потребата од донесување на Закон за изменување и дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци – Штип и патна делница Кичево – Охрид, заради склучување Анекс бр.3 кон Договорот за изградба на автопат, делница Кичево – Охрид.
На предлог на Министерство за транспорт и врски, на денешната седница е и Предлогот на закон за спречување на корупција и судир на интереси.
Од Владата најавија дека по седницата прес-коференција ќе одржи премиерот Заев.