… Македонија не прави доволно во борба против корупцијата. Иако има напредок, резултатите се разочарувачки. Неопходни се проактивни истраги, ефикасност на обвинителството и борба против корупцијата на сите нивоа. Судството е тоа кое што има клучна борба против корупција. Ова се главните пораки и забелешки коишто ги упати денеска (19.04) евроамбасадорот Дејвид Гир на работниот состанок во Владата, на кој учествуваше и вицепремиерката за политики на добро владеење, Славица Грковска.
На состанокот се анализираше прогресот во институциите вклучени во борбата против корупцијата во однос на исполнувањето на препораките на Европската комисија и следните чекори коишто треба да се направат. Шефот на Делегацијата на ЕУ во Република Македонија, амбасадорот Дејвид Гир, е дециден дека треба да има поголема завршница на судските процеси против високи функционери. ЕУ има вложено многу средства за обуки за борба против корупцијата и време е земјата да испорача резултати на ова поле.
„Борбата против корупцијата е од клучно значење, не само затоа што Македонија е во процес на преговори со ЕУ, туку уште поважно е што е во интерес на сите граѓани заради иднината, квалитетот на живот и особено за младата генерација која бара егзистенција надвор од земјата“, дециден е Гир.
Борбата против корупцијата и зајакнување на владеењето на правото е во центарот на процесот на проширување на Унијата. Иако ЕУ гледа некаков напредок во реформите поврзани со владеењето на правото, борбата против корупцијата во земјата останува разочарувачка.
„Во извештајот на Европската комисија има јасни насоки што треба да се прави и кои се приоритетите. Сите ги знаеме, но досега е премалку постигнато. Нивото на имплементација е недоволно“, изјави Гир, кој повика на засилен ангажман од страна на институциите, власта, опозицијата и парламентот.
Според него, консолидацијата на досието за проактивно истражување, гонење и конечни пресуди во борбата против корупцијата на сите нивоа и против сериозниот и организиран криминал мора да биде клучна цел на земјата на нејзиниот европски пат, особено сега, кога некои важни судски предмети се соочуваат со застарување.