Алтернативниот грчки министер за надворешни работи Милтијадис Варвициотис призна дека владата на Нова демократија дала дозвола за извоз на нелегалниот шпионски софтвер „Предатор“ во Судан, кој сега се соочува со драматична граѓанска војна, пренесува грчкото радио „Реалфм“.

Во изјава за „Реалфм“, Варвициотис инсистира дека извозната дозвола дадена за извоз на „предатор“ во Судан нема никаква врска со граѓанската војна во земјата.

„Граѓанската војна не беше предизвикана од ова,“ вели грчкиот министер.

Неговата изјава ја разоткри грчката влада која досега го негираше извозот, а владиниот портпарол Јанис Ојконому ги нарече прашањата од Сириза за ова прашање како „заговор“.

Грчката главна опозициска левичарска партија Сириза во неделата ја праша владата во Атина дали го извезла нелегалниот шпионски софтвер „предатор“ во Судан откако пишувањата на „Њујорк тајмс“ и на „Инсајд стори“ за прашањето за извозните дозволи ја поттикнаа и Европската комисија да побара објаснување.

Според потпретседателот на Комисијата, Валдис Домбровскис, дека грчките власти се уште не одговориле на барањето за информации испратено на 14 февруари.

Европратениците од Сириза ја притискаат и Европската Комисија да го расветли случајот, додека европратеникот на „Да ја обновиме Европа“ го повика Домбровскис да преземе акција.

Претходно месецов беше објавено дека обвинителот на ЕУ започнал истрага за т.н. „Предаторгејт“, вклучувајќи го и прашањето за извозните дозволи. Според два различни извори на „Еурактив“, обвинителот во последните неколку недели добил конкретни информации од грчките новинари кои го истражуваат скандалот со прислушувањето.

„Лицата кои сведочеа пред обвинителите доставија докази кои докажуваат дека администрацијата на премиерот Киријакос Мицотакис го олеснила ширењето на шпионскиот софтвер „предатор“ на „Интелекса“ во земји како Саудиска Арабија, Судан, Мадагаскар и Бангладеш со издавање дозволи за извоз преку грчкото Министерство за надворешни работи“, вели извор близок до случајот.

На правно ниво, обвинителот на ЕУ испитува дали грчката влада ја прекршила Регулативата (ЕУ) 2021/821 за т.н. производи со „двојна употреба“ (производи за кои е потребна посебна дозвола за извоз затоа што може да се користат и за предизвикување штета) за да ја фаворизира грчката компанија „Интелекса“.