Најмалку 2,3 милијарди евра ќе платиме на крајта за автопатите на коридорите 8 и 10Д што ќе ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“, а не 1,3 милијарди, тврди Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во овој момент, кога работите на коридорите сѐ уште не се започнати, веќе имаме обврска за плаќање од околу 300 милиони евра. Во оваа сума, покрај трошоците за подготвителните работи се и пеналите по 3 основи, поради фактот што Владата не успеа да го смени Законот за работни односи и да воведе 60-часовна работна недела за ангажираните работници на „Бехтел и Енка“.
Мицкоски тврди дека во договорот меѓу државата и „Бехтел и Енка“, во делот 16 има ставки за кои воопшто не е дефинирана цената односно пишува дека допрва треба да се прецизира. Станува збор за трошоци за релокација на постоечки објекти на трасите, за системот за телекомуникации, за звучни бариери, за системот на контрола на сообраќајот, за изградба на патарини, за електрификација и осветлување на патот и на тунелите, за вентилација на тунелите и за противпожарна заштита и слични ставки. Во сумата од 1,3 милијарди евра, со која што сега се манипулира не се пресметани овие трошоци, како и трошоците за експропријација, кои ќе изнесуваат дополнителни 300 милиони евра.
Мицкоски прави и споредба меѓу декларираните цени за некои работи во договорот и цените кои скоро ги наплаќала домашната компанија „Гранит“. Така, на пример, за површински ископ на еден метар кубен земја со транспорт до еден километар, „Бехтел и Енка“ ќе наплатат 5,36 евра. Компанијата „Гранит“ за истата работа неодамна наплатила 2,33 евра за метар кубен со вклучен транспорт до 15 километри. Ископот на подповршинска земја „Бехтел и Енка“ ќе го наплатат по 8,95 евра за кубен метар додека „Гранит“ за истата работа наплатил само 4 евра за кубен метар.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска направи и споредба меѓу цената што компанијата „Актор“ ја наплатила за 1 километар автопат за делницата Демир Капија-Смоквица и цената што „Бехтел и Енка“ ќе ја наплати за 1 километар автопат на коридорите. Така, „Актор“ наплатил меѓу 5,5 и 6 милиони евра додека „Бехтел и Енка“ ќе наплати 20 милиони евра за 1 километар автопат. Многу критикуваната понуда на компанијата „Синохидро“ беше 8 до 9 милиони евра за 1 км автопат.
Мицкоски откри дека ваков договор на македонските влади од страна на „Бехтел и Енка“ им е нуден уште од 1999 година, дека потоа е нуден на сите влади, но ниту една, сѐ до оваа на Ковачевски и Груби не прифатила договор под вакви невозможни услови.