Со 23 гласа „за“ Општина Струмица едногласно изгласа дека новата Стратегија за млади што се носи во општината ќе го исфрли терминот „Родова еднаквост“. Наместо „Родова еднаквост“ ќе стои „еднаквост меѓу мажите и жените“. Промената е на предлог на советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Ристов, кој побара да се разјаснат дел од членовите во Стратегијата, додека градоначалникот Костадинов, рече дека ставот на општината е јасен и тој дел од текстот ќе се промени, пренесува ТВ Телма.
Одлуката на општината е популистичка и на штета на неколку млади трансродови лица кои би биле исфрлени од Стратегијата, вели Ирена Цветковиќ од коалиција „Маргини“.
Епископот Јаков Стобиски, пак, кој ги повика пратениците да бидат внимателни со Законот за родова еднаквост, смета дека ваквата одлука е исправна и дека и другите општини треба да го сторат истото.
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, во медиумите изјави дека Законот за родова еднаквост е во работна верзија и во фаза на консултации со сите заинтересирани страни. Ќе има отворени дебати сѐ додека не се добие издржано решение, без правни празнини.