Тежок инцидент го одбележа доаѓањето на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ и неговиот албански колега Бајрам Бегај во Арбанаше во Задар.

Скандалот најпрвин избувнал поради отсуство на раководителите на градските и окружните власти, кои по секоја цена сакале да го избегнат Милановиќ, а потоа во салата на манастирот на сестрите на фрањевската школа во Арбанаси, за време на пеењето на албанската националната химна, неколку деца во албански народни носии го развиориле знамето на таканаречената голема Албанија.

На видеото се гледа и реакцијата на официјалниот преведувач кој им пријде на помладите припадници на албанското национално малцинство кои го вееја знамето и ги предупреди да престанат.

Во разговорите меѓу претставниците на албанската амбасада во Загреб и Месниот одбор на Арбанаши, при договарањето на протоколарните детали за претседателската посета, се појави формулација според која Бегај е во посета на албанската дијаспора, но Локалниот одбор инсистираше на тоа дека Арбанашите не се ниту албанска дијаспора, ниту национално малцинство бидејќи национално се идентификувани како Хрвати. Во програмата на престојот на двајцата претседатели во Арбанаси беа вклучени и претставници на албанската национална заедница од Задар.

На спорното знаме заедно со ликовите на албанскиот политичар Исмаил Ќемали и воениот водач Иса Бољетини, има и карта на „Голема Албанија“ која ги опфаќа териториите на неколку меѓународно признати соседни држави и натписот „Автохтоно“.

– Не го видов тоа знаме за време на настанот. Го видов само по весници и портали. Веднаш да кажам дека во име на Месниот одбор и сите жители на Арбанас се оградувам од тој потег. Тоа нема апсолутно никаква врска со нас. На сцената беа официјалните знамиња на Хрватска и Албанија и тоа беше доволно. Ме чуди што никој од обезбедувањето на претседателот не реагираше. Испадна многу грдо. На приемот во програмата учествуваа припадници на албанската национална заедница од Задар и локалното население, а ние сме Албанци и Хрвати. Да го забележивме тоа знаме, самите ќе го тргневме, не очекувавме дека некој може така да се однесува и да го злоупотреби нашето гостопримство – изјави претседателот на Месниот одбор Арбанаси Звонимир Рогиќ, кој беше вклучен во организацијата на пристигнувањето на двајцата претседатели.

Дека не го видел спорното знаме, тврди и почесниот конзул на Албанија во Задар, Антон Дедај.

– Не знам од каде е тоа знаме. Знам дека беа поставени официјалните државни знамиња на Хрватска и Албанија, кои имаа свое место таму, но за други знамиња не знам. Беше непотребно – вели Дедај.

На приемот на Милановиќ и Бегај се појави и претседателот на градскиот совет на Задар, Марко Вучетиќ, со оглед на тоа дека се работи за културен, а не политички настан, но и тој не го видел и знамето на „Голема Албанија“.

-Да го видев знамето сигурно ќе го напуштав настанот бидејќи по развиорувањето на знамето на „Голема Албанија“ треба да се прекине секоја официјална церемонија. Сепак, нема простор за никакво изненадување кога земјите ќе ја напуштат реалната историја и ќе паднат во националистички толкувања. Од тоа ќе има се повеќе – вели Вучетиќ, пренесува српски Курир.