Тешко дека ќе се полага првиот матурски испит на 27 мај, продолжува штрајкот за поголеми плати на вработените во Државниот испитен центар (ДИЦ). Ќе се бараат нови датуми за полагање држава матура. Како што денеска во изјава за медиумите кажа Емилија Бошковска, претседателката на синдикалната организација и советничка во ДИЦ, неуспешно завршиле преговорите со одговорните во Министерството за финансии. Државанта матура треба да се полага на 27 мај и 10 јуни.
Пресметките се дека веќе е невозможно да се постигнат тие датуми кои се по календар ставени, односно 27 мај и 10 јуни. 27 мај е многу тешко изводлив, да не речам воопшто неизводлив. Тоа би значело автоматски и пролонгирање на резултатите, бидејќи добар дел од процесите се врзани со оценувачите, не е само печатењето на тестовите туку има и прoцеси кои се врзани со надворешни лица. Нашето нефонкуционирње во овој момент подразбира дека нема да стигнеме ни со резултатите, изјави Бошковска.
Јетон Шаќири, министерот за образование и наука ги охрабри да продолжат со нивните барања, но предупреди да не ги доведуваат во прашање процесите. Тој апелираше вработените да го почекаат Општиот колективен договор кој, како што рече, можеби ќе биде подобар од сегашните услови што им ги нуди Министерството за финансии.
Шаќири притоа посочи дека дел од вработените се вклучиле при полагањето на испитите за директори, кои се во надлежност на ДИЦ, и тие биле во законски рок.
Истото би го побарал од истите тие вработени. Со Министерството за финансии да се најде начин за нов колективен договор, но истовремено очекуваме што побрзо да се потпише и Општиот колективен договор кој веќе е најавен и за другите сектори. Во момент кога дискутираме, тоа да не го поврзуваме со датумот на државната матура, рече министерот за образование и наука одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на конференцијата за италијански јазик во Ректоратот на УКИМ.