Училиште од Белград воведе дополнителни безбедносни мерки по масакрот во Врачар.

Иван Ристиќ – претседател на Советот на родители на Основното училиште „Дринка Павловиќ“, денеска изјави дека на донесувањето дополнителни мерки за безбедност најмногу влијаела мерката за присуство на полициски службеници во секое училиште, која е донесена.

„Назначивме дежурни наставници на самиот влез, на секој кат и во дворот и речиси на секоја врата. Решивме безбедноста да биде максимално присутна“, изјави Ристиќ и додаде дека мерките се слични на оние предложени од Првата белградска гимназија за што беше прецизирано дека наставниците во училиштата не се полицајци, туку дека нивната улога е да разговараат и да работат со децата и да обезбедуваат безбедност како да се присутни родители.

Тој додаде дека е затворена и вратата од дворот на училиштето за да не можат да влегуваат луѓе однадвор, а воведена е мерка децата да не излегуваат надвор од училиштето за време на наставата. Исто така, родителите ќе им дадат дозвола на класните раководители, директорот и неговиот помошник да ги претресуваат чантите на учениците доколку се сомневаат дека имаат нешто што е незаконско.

Тој рече дека насилството меѓу врсниците е присутно во сите училишта, а сега со новите мерки, секое малтретирано дете ќе може веднаш да се пожали кај дежурниот наставник.