Саудискиот крал Салман го покани украинскиот претседател Володимир Зеленски да учествува како почесен гостин на самитот на Арапската лига, што ќе се одржи оваа недела во Саудиска Арабија, јави ДПА, повикувајќи се на дипломатски извори во Ријад.
Агенцијата посочува дека средбата ќе се одржи в петок во крајбрежниот град Џеда во Саудиска Арабија.
Според дипломатските извори, ова ќе биде можност за саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман да разговара со украинскиот претседател Зеленски за начините за ставање крај на војната во Украина преку изнаоѓање заеднички позиции кои би доведоа до почеток на преговорите меѓу Москва и Киев. Засега нема потврда за оваа информација од Киев.
Саудиска Арабија во повеќе наврати нудеше да посредува во конфликтот меѓу Русија и Украина. Минатата година Ријад соопшти дека посредувал меѓу Русија и Украина за ослободување на 10 воени заробеници од различни земји.
Кралството и неговите соседи од Заливот продолжија да ги одржуваат односите со Русија дури и откако Москва ја започна својата целосна инвазија на Украина минатата година.
Самитот в петок ќе биде и првиот на Арапската лига, на кој повторно ќе учествува Сирија. На самитот е поканет и сирискиот претседател Башар ал Асад. Самитот во Џеда, исто така, доаѓа откако Саудиска Арабија богата со нафта и нејзиниот регионален ривал Иран во март се согласија да ги обноват односите.