Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски денеска говореше на Генералната дебата на Самитот на Совет на Европа што се одржува во Рејкјавик, Исланд.
„Се собравме во Рејкјавик за да покажеме единство, солидарност и посветеност на нашите заеднички вредности во областите на демократијата, човековите права и владеењето на правото соочени со досега невидена агресија против нашата земја-членка – Украина. Руската агресија против Украина е очигледно кршење на меѓународното право и меѓународниот поредок заснован на правила, што ги разниша нашите постојни мултилатерални структури.

Ние сè уште сме уверени дека мултилатерализмот е единствениот начин да се мобилизира колективен одговор на војните, кризите, вонредните состојби и предизвиците од различна природа.
Украина само сакаше да ги избере својот иден пат и сојузници. И ние го направивме истото кога ја покажавме нашата непоколеблива солидарност и брзо ја исфрливме Руската Федерација од Советот на Европа. Бевме и сè уште сме обединети во барањето одговорност за извршените злосторства. Почнавме да размислуваме и за тоа што правиме добро во Стразбур и каде можеме да се подобриме“, изјави Ковачевски.

„Денес повеќе од кога било важно е Европа да остане обединета, а Европа нема да биде обединета, целосна, слободна и мирна без Балканот целосно интегриран во европското семејство. … Македонија и Албанија заслужуваат да одат напред заедно, затоа што ако напредува соседот на едниот, напредува и другиот. Не треба да оставиме простор за влијание од трети страни, особено од Русија, а најмалку во срцето на Балканот, што е срце на Европа… Би сакал да заклучам со следново: Дискурсот кој се користи од страна на Бугарија кон Македонија за жал е многу сличен со дискурсот кој Русија го користи во војната против Украина. Неприфатливо е таквите обвинувања да се злоупотребуваат за политички цели во овој период за иднината на Европа. Македонија е призната како модерно мултиетничко општество во кое се почитуваат сите права.

Обвинувањата од страна на претставникот на Бугарија тука на Самитот се целосно неосновани и доаѓаат од земја која не ги почитува одлуките на Европскиот суд на човековите права – рече Ковачевски во своето обраќање.