Во Албанија в понеделник почнува заедничката мултинационална воена вежба „Бранител Европа 23“ (Defender Europe 23), предводена од Европската команда на САД, на која ќе се демонстрираат интерактивните способности на САД со сојузничките и партнерските армии на НАТО.
Во врска со тоа Американската амбасада во Тирана денеска информираше дека американски војници и опрема веќе се пристигнати во Албанија и оти на вежбата ќе учествуваат повеќе од 20 земји сојузнички и партнери.
-Со нетрпение и задоволство го очекуваме официјалниот почеток на вежбовните активности. Заедничката мултинационална вежба предводена од европската команда на САД е дизајнирана да изгради подготвеност и интероперабилност меѓу сојузниците и партнерите на САД и НАТО, се вели во објавата на Американската амбасада на социјалните мрежи.
Албанија по втор пат ќе биде домаќин на најголемата воена вежба во Европа „Бранител Европа 23“. На вежбата, како што информираше албанскиот министер за одбрана Нико Пелеши, која ќе се одржува од 22 мај до 23 јуни ќе учествуваат повеќе од 7.000 американски војници и 17.000 мултинационални трупи од повеќе од 20 сојузнички и партнерски земји, меѓу нив од Македонија и Косово, кои веќе се пристигнати во Албанија, што ќе ја направи најголемата вежба во историјата на Албанија како сојузник на НАТО.