Канада ќе стане првата земја во која секоја цигара ќе мора да биде поединечно означена со предупредувања за штетното влијание на тутунот врз здравјето на луѓето.
Мерката беше објавена минатата година од канадските здравствени власти, а прописите треба да стапат на сила на 1 август. Ќе се воведува постепено во зависност од големината на цигарите, прво на најголемите и на крајот на сите цигари.
„Овој храбар чекор ќе ги направи пораките за предупредување за здравјето практично неизбежни“, рече канадската министерка за ментално здравје и болести од зависности, Каролин Бенет.
Предупредувањата „отров со секој чад“, „чадот од тутунот им штети на децата“ и „цигарите предизвикуваат импотенција“ ќе бидат напишани на англиски и француски јазик.
Министерството за здравство на Канада објави дека целта на оваа стратегија е да се намали потрошувачката на тутун на под пет проценти до 2035 година.
Бенет рече дека 48.000 Канаѓани умираат секоја година како последица од пушењето.