Во Аеродром како што кажа и градоначалникот да посетиме неколку проекти кои што се веќе завршени и кои што како што можете да видите најмладите ги користат. И тоа е добро, што повеќе вакви објекти да се реализираат како инвестиција и да се реновираат игралишта како детски, така и спортски за да може најмладите да спортуваат. И тогаш кога ќе видите многу деца како го користат сето ова, тогаш сте горди на себе и навистина сте задоволни затоа што сиот труд и сета мака вредела, изјави денеска при посетата на општината лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Во продолжение интегрален текст од изјават на Мицкоски:
-Добар ден и од мене, денеска сме овде во Аеродром како што кажа и градоначалникот да посетиме неколку проекти кои што се веќе завршени и кои што како што можете да видите најмладите ги користат. И тоа е добро, што повеќе вакви објекти да се реализираат како инвестиција и да се реновираат игралишта како детски, така и спортски за да може најмладите да спортуваат. И тогаш кога ќе видите многу деца како го користат сето ова, тогаш сте горди на себе и навистина сте задоволни затоа што сиот труд и сета мака вредела.
Јас му честитам тука на Тимчо, на Дејан како претседавач на Советот, на сите советници кои што се дел од Советот овдека во Општина Аеродром. Исто така би сакал да го споменам и трудот и напорите кои што ги вложува пратеникот Синиша Стојаноски, кој што е дел од македонското Собрание и каде што исто така континуирано притиска амандмански да се обезбедат денар повеќе за да се реализираат проекти овдека во Аеродром. Само можам така да ги охрабрам да продолжат и понатаму.
Градоначалникот кажа дека целта на оваа администрација е да реализира што повеќе вакви проекти и покрај предизвиците со кои што се соочува. Видете каква една парадоксална ситуација имаме сега што се случува, од една страна најавуваат граѓанска обврзница од страна на министерството за финансии, Фатмир Бесими, откако ја ископира идејата за општинската обврзница заедно со Димитар Ковачевски, сега најавува одредена граѓанска обврзница. Но, тие пари кои што претпоставувам граѓаните ќе ги вложат и сакаат да ги вложат ќе бидат искористени за тендери во четири очи, чии багери да копаат во РЕК Битола, чии багери да бидат дел од проектот за коридорите 8 и 10Д, па некој тендер во четири очи кој што претпоставувам ќе заврши во министерството за здравство, па потоа нема да им се плаќа како што тоа го сведочат голем дел од бизнисмените затоа што се бара процент повратен назад итн. За разлика од тие тендери кои што ќе бидат објавени од страна на Владата и кои што пари ќе бидат искористени преку оваа граѓанска обврзница, овде во Аеродром преку општинската обврзница се бараат средства за проекти за да може општината со најголем број на население, односно најбрзо растечката по број на население општина да нема повеќе листи на чекање за децата во градинка како што кажа Тимчо, да нема ученици кои што учат трета смена, замислете имаме во Македонија училишта празни, имаме училишта празни, а овдека имаме ученици кои што одат трета смена. И тоа не го овозможува Владата. Зошто тоа не го овозможува? Затоа што градоначалникот е потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ. И како сега тој да биде успешен? Како смее тој да биде успешен? Тој не смее да биде успешен па макар 100.000 граѓани требало цехот за тоа да го плаќаат.
Ја користам оваа прилика од овде од Аеродром да упатам апел до овие во Владата да се надминат себеси, оваа не е нити за Христијан, нити за ВМРО-ДПМНЕ, нити за Тимчо, нити за Дејан, нити за било кој еден член или активист на ВМРО-ДПМНЕ, ова е за жителите во Аеродром, за граѓаните во Аеродром, за сите оние кои што се партиски определени, но и тие кои што не се определени. Затоа што наша задача основна не е да гледаме кој каква партиска припадност е, туку да обезбедиме пристојни услови за живот и пристојни услови за работа и нормално на децата да им овозможиме пристојни услови да можат да растат, да се развиваат. Затоа што кога најмладите започнуваат со спорт од најмали години, тие така го хранат својот дух, и растат, да бидат витези, да има фер плеј, да се почитуваат меѓусебе, да се сакаат, да си ја сакаат државата. И ова е еден начин како тоа да го помогнеме. Не е битно тука партиската припадност. Апелирам до овие во Владата ништо нема да ги чини нив, не даваат пари од Буџетот, не даваат. Ова е начин како да обезбеди повеќе средства Општината од правните субјекти во државата, за да може да реализира капитални проекти. Не се ова пари од Буџетот, сакам тоа да биде јасно. Ова е само формалност која што треба Владата да ја направи. Бидејќи претходно Комисијата од хартии од вредност, македонската берза, министерството за финансии, сите неопходни институции дадоа позитивно мислење.
Владата само формално, да не прави егзибиции на Генерален Колегиум, требало да се усогласат законодавство и министерство за финансии. Таков тип на егзибиции знаеме имаме искуство, се прават кога не се сака да се даде формална дозвола која што му следува овдека на Аеродром и на сите оние општини, минатата година беше Штип сега доаѓаат Гази Баба, доаѓа Прилеп, доаѓа Илинден итн. Тоа се проекти кои што се само за да го подобрат начинот на живот на нашите сограѓани и пари кои што треба да влезат во стопанството за да порасне БДП.
И да им посакам понатаму да продолжат да реализираат ваков тип на проекти овде во општина Аеродром и да ги правиме граѓаните среќни и задоволни со тоа кое што располагаме и со кое што можеме да инвестираме за нивно подобро утро, рече Мицкоски.