САД ќе испратат уште 1,3 милијарди помош за Украина за реконструкција на енергетската мрежа и модернизација на пристаништата, железницата и друга инфраструктура, изјави денеска американскиот државен секретар Антони Блинкен во Лондон на втората меѓународна конференција за обнова на Украина.
Велика Британија, САД и Европската Унија денеска ветија милијарди долари помош за Киев, а британскиот премиер Риши Сунак започна рамка за воено осигурување за да се обиде да ги охрабри компаниите да инвестираат.
-Клучот за закрепнување е поставувањето на темелите за Украина, за да напредува како безбедна, независна држава, целосно интегрирана со Европа и поврзана со пазарите ширум светот, рече Блинкен.
Новата американска помош пристигнува откако Вашингтон веќе испрати речиси 20 милијарди економска и развојна помош за Киев.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на конференцијата изјави дека ЕУ ќе и додели на Украина 50 милијарди евра од 2024 до 2027 година.
Вкупните трошоци на војната ќе бидат огромни – Украина, Светската банка, Европската комисија и Обединетите нации во март проценија дека по првата година од конфликтот, штетата изнесува 411 милијарди долари.