Собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања денеска ќе расправа за барањето од судот за одземање на пратеничкиот мандат на Никола Груевски заради издржување на двегодишната затворска казна за предметот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство.
Претседателот на Комисијата Павле Богоевски во петокот го доби барањето од Судот од претседателот на Собранието Талата Џафери и имаше рок од 15 дена да ја закаже седницата. Барањето за одземање на мандатот на Груевски е според членот 59 од Деловникот на Собранието на РМ. Со него се предвидува за пратеникот осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на пратеничката функција, известување до претседателот на Собранието да достави судот кој ја изрекол казната.
Со овој член од собранискиот Деловник е предвидено Предлог за одземање на мандатот на пратеник да поднесе Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, во рок од 15 дена од денот на добивањето на известувањето од претседателот на Собранието. По предлогот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања за одземање на мандатот на пратеникот, Собранието води претрес на првата наредна седница, а претресот може да заврши со донесување одлука за одземање на мандатот на пратеникот или со заклучок дека нема елементи за одземање на мандатот на пратеникот. За да му биде одземен мандатот на Груевски на Собранието му е потребно двотретинско мнозинство. Незивесно е дали за одземање на мандатот на поранешниот премиер ќе гласаат 80 пратеници, ако се знае дека пратениците од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ нема да гласаат за, а најголем дел од пратениците од независната пратеничка група предводена од поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска се изјаснија дека нема да гласаат.
Груевски најдоцна до 8 овој месец треба да се јави на издржување на затворската казна. Во петокот, Кривичниот суд соопшти дека судија за извршување санкции ја одбил молбата на Груевски за одлагање на казната.
Поранешниот премиер Груевски беше прогласен за виновен и осуден на двегодишна затворска казна на 23 мај. Тој заедно со првообвинетиот во „Тенк“ Ѓоко Поповски поднесоа жалба до Апелацискиот суд Скопје, кој ја одби како неоснована жалбата на Груевски, а делумно ја прифати жалбата на Поповски и му ја намали казната затвор на четири години и шест месеци. Во предметот „Тенк“ осудена е и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на шест години затвор.