Во велешката болница нема специјалист по трансфузиологија и уво нос и грло, а годинава во пензија ќе заминат најмалку 10 лекари, објавува ТВ Сител.
Во битолската „Др. Трифун Пановски“‘, иако уште пред неколку месеци тогашниот директор алармираше за недостигот на кадар, досега не добиле позитивен одговор. Во оваа установа според сегашното раководство недостига медицински персонал од сите профили.
Исто е и во Штип каде во моментот има оглас за 16 вработувања, но им фалат уште трипати повеќе здравствени работници. Министерот Меџити пред еден месец кажа дека не седат со скрстени раце. А додека тие работат лекари си одат од јавно во приватно како што е последниот случај од Урологија.
– Имаме пренасочено во Mинистерството за финасии. Не седиме со скрстени раце а ќе има и една посебна седница на Влада за здравство каде ќе разговараме баш за овие работи, изјави Фатмир Меџити министер за здравство (05.06.2023).
Засега нема најави од Владата дали и кој ден ќе го посветат на здравството, а не кажуваат официјално и кој ќе ја застапува државата во арбитражната постапка за неизградениот клинички центар, истакнува ТВ Сител.