Синоќа 39 годишна тукушто породена мајка се фрлила од први кат на Клиниката за Гинекологија во Клиничкиот центар Мајка Тереза во Скопје.

Според сознанијата на Фактор, кои ги потврди и директорката на Клилниката за гинекологија, Викторија Јовановска, повредената пациентка била итно пренесена на КАРИЛ, на Одделот за неврохирургија, каде што и била извршена операција, бидејќи имала тешки повреди на цервикалната кичма.

Инаку, 39 годишната пациентка, своето бебе го добила преку оплодување со инвитро методата, што покажува дека станувало збор за долгоочекувано и посакувано бебе.

„Во средата била донесена на итно породување, во 36 недела од бремениоста, а од приемот до породувањето поминале само 12 минути, што практично значи дека имала многу лесно породување“, вели за Фактор директорката на Клиниката за Гинекологија, Викторија Јовановска.

Таа родила живо и здраво новороденче од околу 2.400 грама, кое и сега е во добра здравствена состојба.

Со оглед што и мајката и бебето биле добри, за денеска се подготвувале документите за испис од болницата на пациентката и нејзиното бебе, но за жал, пациентката вчера во доцните часови скокнала од првиот кат на клиниката.

Нашите информации говорат дека пациентката била сместена во соба со прозорци кои не се отвораат, но таа успеала да скокне од прозорот во ходникот на клиниката.

Според лекарите, нејзината состојба, после итната операција, сега е тешка, и сеуште е рано да се каже каков ќе биде исходот од лекувањето.

Нема информации што ја натерало оваа мајка да скокне од клиниката, а според нашите консултации со лекарскиот тим, точно е дека се појавуваат извесни постпородилни депресии кај одредени мајки, но тие досега биле во многу поблага форма и никогаш немале за последица вака драматичен исход.

Детали од ГАК за несреќата на родилката

Од Клиниката за гинекологија, од каде денеска излегоа со детално соопштение, информираат дека пациентката е итно пренесена на КАРИЛ, а за случајот се известени надлежните институции.

Според информациите од ГАК, пациентката е примена на 28 јуни во 21:16 часот заради крвавење во последниот триместар од бременоста (36 гестациска недела) и откако од срана на дежурен специјалист во амбулантата за итни случаи е утврдено дека се работи за предвремено одлепување на постелката, состојба којашто витално го загрозува плодот и сериозно го загрозува здравјето на мајката, е породена со царски рез.

– Пациентката веднаш е примена во родилна сала и по кусата предоперативна подготовка и за 14 минути од приемот е породена со царски рез во 21:30 часот, при што е добиено живо машко дете во задоволителна кондиција. Пациентката е уредно следена на одделот за породени жени – Пуерпериум, согласно медицинските стандарди и протоколи, велат од ГАК.

На 30 јуни, пациентката се пожалила на вознемиреност и извршен е разговор со клинички психолог и следена е согласно дадените препораки. Следниот ден пациентката била без особени тегоби и е со уреден гинекошко-акушерски статус, а на 2 јули на утринската визита се пожалила на слична симптоматологија како и на 30 јуни, при што дежурните лекари извршиле разговор со неа, ординирана е соодветна терапија и донесена е одлука, за подобра проценка на состојбата пред испис да се повика психијатар.

– Во понатамошниот тек од вчерашното дежурство продолжени се дневните активности и работни обврски на дежурната екипа, без дополнителни влошување на состојбата на родилката. Ноќта околу 21:30 часот пациентката од болничката соба се упатила кон ходникот на одделот за Пуерпериум и преку прозорецот во ходникот направила обид за суицид, фрлајќи се од првиот кат, се наведува во соопштението од ГАК.