Внукот на лидерот на ДУИ Али Ахмети, Дрин Ахмети, испратил писма до надлежните институции во кои бара тие да спроведат детална истрага за неговите фирми.

Тој им пишал на Јавното обвинителство, Управата за јавни приходи, Управата за финансиска полиција и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Ахмети ги обвини медиумите дека направиле медиумска врева против него и неосновано го поврзале со политиката, објави Слободен печат.

– Обвинувањата и клеветите на опозицијата ги хранат граѓаните со омраза и злоба, јас и мојата компанија ги повикуваме државните институции да го истражат предметот кој може да се верификува преку архивските броеви, пишува на Фејсбук Ахмети.

Во писмата упатени до надлежните институции Ахмети пишува:

– По повод информациите излезени во јавните електронски и печатени медиуми, како и преку интернет порталите, а во врска со стекнување на удел од страна на ТХОР Индустриес ДООЕЛ Скопје и Пе-вла-ку ШКП Тирана во Соравија инвест ДООЕЛ Скопје и Соравија Менаџмент ДООЕЛ Скопје, кои информации преку невистинито и лажно претставување на факти создадоа состојба на сомнеж кај пошироката јавност и обвинување за одредено незаконско постапување од страна на ТХОР Индустриес ДООЕЛ Скопје и Пе-вла-ку ШКП Тирана, со цел разобличување на невистинитите информации и утврдување на фактите, Ве повикуваме во рамките на законските овластувања да извршите испитување на документацијата, дејствијата и трансакциите кои се создадени и направени во врска со стекнувањето на уделите од страна на ТХОР Индустриес ДООЕЛ Скопје и Пе-вла-ку ШКП Тирана во Соравија инвест ДООЕЛ Скопје и Соравија Менаџмент ДООЕЛ Скопје, пишува во писмото.

Ахмети додава дека за таа цел се подготвени да ги презентираат сите документи и да ги приложат сите докази и појаснувања кои ќе бидат побарани од нив.

Тој дури ги охрабрува надлежните институции наодите од нивното постапување транспарентно и јавно да ги објават.