Европската комисија ги повика „доверливите меѓународни добавувачи на гас“ да достават понуди на вториот заеднички тендер на ЕУ за набавка гас, кој трае од 7 до 10 јули.
Со тендерот се бара обезбедување на 15,92 милијарди кубни метри гас за потребите на 49 компании од ЕУ за периодот од август 2023 година до март 2025 година. Речиси половина од бараните количества на енергенсот се однесуваат на течен природен гас (ЛНГ).
Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, количеството на гас кое се бара на овој втор сеевропски тендер е за 11,6 милиони кубни метри поголемо од она од првиот, што според Еврокомисијата, покажува зголемената важност на заедничката Енергетска платформа за зајакнување на енергетска безбедност на ЕУ.
Потпретседателот на Европската комисија и еврокомесар за меѓуинституционални односи Марош Шефчович оцени дека зголеменото ниво на заедничката побарувачка за гас, укажува дека европските компании се се посигурни во ефикасноста на Енергетската платформа на ЕУ за задоволување на нивните потреби.
– Таа брзо станува воспоставен пазар и ефикасна алатка за справување со енергетската криза предизвикана од руската агресивна војна против Украина. Ги охрабрувам доверливите меѓународни добавувачи да ги достават своите понуди и да ја искористат можноста да ја прошират својата база на клиенти во ЕУ и Енергетската заедница, истакна Шефчович.
Проектот за заедничка набавка на гас во ЕУ е дел од Планот за диверзификација на изворите на енергенси и зајакнување на енергетската безбедност пред следната зима. На овој начин на компаниите им се овозможува да настапат со заедничка побарувачката за гас и да се усогласат со конкурентните понуди за снабдување на глобалниот пазар. Механизмот, со кој досега се опфатени над 150 компании, е отворен за субјекти од сите членки на ЕУ и од земјите опфатени со Енергетската заедница. Предвидено е до крајот на 2023 година да бидат распишани уште три тендери.