ОСМАНИ: Одлуката на ВМРО-ДПМНЕ да прекине комуникација за уставните измени е лоша

/ 09.07.2023

Одлуката на ВМРО-ДПМНЕ да прекине секаква комуникација со власта за уставните измени, а да разговара само за избори е многу лоша и непромислена, смета министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

На ваков начин според него опозициската партија уште еднаш покажала дека не и е важна иднината на државата туку само власт и моќ. Владата ги исполни сите барања и услови што ги испорача ВМРО-ДПМНЕ за поддршка на уставните измени, добивме и европски гаранции, кажа Османи и уште еднаш ја повика опозицијата – да гласаат за уставни измени, па веднаш да одат на избори.

– Таа изјава беше многу лоша за нив, не знам дали ја промислија, но партија која претендира да преземе одговорност, да излезе да каже „јас не разговарам со никого за ништо друго освен за тоа да станам премиер, министер, заради мојата политичка кариера, е најлошата порака што можете да ја дадете. Сите го кажуваат тоа, вклучувајќи ја и Бугарија – дека нема да има нови барања во овој процес. Нема нешто што ВМРО-ДПМНЕ побара, а ние не прифативме и кога останаа веќе без аргументи, кажуваат „ги прекинуваме сите разговори, освен за избори. И затоа реков, „благодарам“, бидејќи ние да побаравме, немаше тоа да го кажат, рече Османи.

Пораките од Мицкоски нема го премислат Османи до последен ден да бара поддршка за уставните измени во Собранието. Шефот на дипломатијата останува на ставот дека има пратеници во ВМРО-ДПМНЕ кои би гласале за уставни измени, но иако не одговори конкретно за колкумина станува збор, кажа дека очекува нивниот број да расте.

– Во однос на пратениците јас очекувам дека бројот ќе е поголем отколку што е неопходниот за уставните измени. Затоа се повеќе се свесни луѓето дека уставните измени се во наш интерес, дека ваква втора шанса можеби и нема да добиеме. Ќе имаме тргање на страна, седнување на клупа.. Сега сме во натпреварот, прашање дали ќе продолжиме или ќе излеземе од игра и јас сум убеден дека има свесни пратеници коишто тоа го кажуваат постојано во нивните внатрешни дебати и мислам дека процесот ќе биде успешен, изјави Османи.

Османи како коректна, но без конкретни одлуки и заклучоци, ја оцени првата средба што ја имаше вчера на „Дубровник форумот“ со неговата бугарска колешка и заменик претседателка на Владата во Софија, Марија Габриел. На средбата се договориле за да се интензивира политичката комуникација на сите нивоа, а работните групи повторно да се вратат во функција. Османи ја информирал и до каде е процесот за уставните измени и изразил надеж дека ќе се врати довербата меѓу Скопје и Софија и покрај тоа што во двете земји според него постојат политичари коишто претендираат да ги да ги минираат односите.


Од истата категорија