Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски останува на ставот дека нема повеќе да комуницира со власта на темата уставни измени. Како што изјави тој вчера, единствено нешто на маса во моментов се предвремени избори.
Синоќа на прославата на годишнината од формирањето на ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица, Мицкоски изјави дека на следните парламентарни избори партијата треба да освои најмалку 61 пратеник, се друго би било историски пораз. Воедно порача дека ова е трет Илинден за ослободување на Македонија.
– Обединети сите заедно еден до еден да дојдеме до 61 пратеник. Се останато ќе биде историски пораз. И ова сфатете го како трет Илинден и трето ново ослободување на Македонија. Следните парламентарни избори се битка за третиот Илинден – рече синоќа лидерот на партијата на прославата на годишнината од формирањето на ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица.
Мицкоски и со порака до сите идни функционери од партијата дека лично ќе се пресмета со секој оној кој ќе работи нечесно и спротивно на интересите на граѓаните.
– Јас ви ветувам, ако ја добијам шансата од македонскиот народ да ја водам следната влада лично ќе се пресметам со тие луѓе коишто овој пат ќе ја изневерат довербата од македонскиот народ и ќе ги изневерат очекувањата, а тоа е да не работат чесно да бидат корумпирани и да бидат криминализирани. Затоа внимавајте што правите. Овој пат немаме друга можност. Најлесен плен за предаторите е корумпиран и криминален политичар. Заборавете на браќа и братучеди бидејќи имате само еден брат и една сестра, а тоа е Македонија и ВМРО-ДПМНЕ. Треба да работите за нив – рече Мицкоски.