Членките на Г7 ќе ратифицираат долготраен пакет на безбедносна помош за Украина на самитот на НАТО во Вилнус, ден откако западната воена алијанса одби да ѝ даде временска рамка за членство, што го бараше Володимир Зеленски. Пакетот ќе вклучува воена опрема, обука и споделување разузнавачки информации.
Британскиот премиер Риши Сунак изјави дека овој договор ќе испрати силен сигнал до Владимир Путин.
„Сојузниците на Украина ги засилуваат своите формални аранжмани за заштита на Украина на долг рок. Не смееме да дозволиме да се повтори она што се случи во Украина. Поддршката за Украина на патот кон НАТО и одделните договори со членките на НАТО ќе испратат јасна порака до Путин и ќе го вратат мирот во Европа“, кажа Сунак.
Џо Бајден навести модел за Украина сличен на договорот што САД го имаат со Израел. Според него, Вашингтон се обврза да му дава воена помош на Израел од 3,8 милијарди долари годишно. Сепак, за разлика од членството во НАТО, тој не вклучува клаузула за директна помош во случај на напад.
Зеленски денеска ќе се сретне со лидерите на НАТО, откако на Украина ѝ беше порачано дека ќе стане членка кога ќе се исполнат услови за тоа. Киев прифаќа дека не може да стане членка додека трае војната со Русија, но сака да се придружи веднаш по нејзиното завршување, што не беше ветено вчера. Место тоа, беше најавено формирање на нов Совет НАТО-Украина, во кој двете страни ќе имаат еднаков статус.