Унгарскиот премиер Виктор Орбан во саботата повторно жестоко ја критикуваше Европската Унија, овојпат бидејќи води „ЛГБТИ-офанзива“ и го заговара федерализмот, истакнувајќи дека Будимпешта ќе ги сочува христијанските корени на државата.
Во говорот во соседна Романија во областите каде живее унгарското малцинство, Орбан кој е во долгогодишен судир со неолибертаријанскиот естаблишмент во Брисел, изјави дека се надева дека изборите за Европскиот парламент следната година ќе ги зајакнат владите кои се противат на федерализмот за кој се залагаат Германија и Франција.
Владата на десната партија Фидес на Виктор Орбан, која надмоќно победува на унгарските избори од 2010 година, пред две години донесе закон со кој учениците во основното образование треба да бидат заштитени од содржините кои ја промовираат хомосексуалност и промената на полот порачувајќи дека децата мора да бидат заштитени од ЛГБТИ пропагандата и својот избор да го носат кога ќе бидат зрели личности.
Поради таквите политики, Владата на Орбан е критикувана од Брисел за прашања од владеењето на правото, реформите во медиумскиот простор и правосудниот систем.
„Европската Унија е или империја или (индивидуални) нации. Не смееме да имаме илузии. Федералистите се обидуваат да нѐ истиснат. Отворено сакаа да ја променат власта во Унгарија во 2022 година“, рече Орбан додавајќи дека истото сега се случува во Полска.
Полјаците есенва одат на избори на коишто конзервативната партија Првада и справедливост (PiS) оди по својот трет последователен мандат. Полските конзервативци усвоија бројни закони слични на оние донесени во Унгарија, а Варшава исто така е под критики на Брисел во областите за владеење на правото и судските реформи, што доведе и до супснезии на дел од европските фондови.
Орбан смета дека рамнотежата меѓу федералистите и националните суверени држави кои не сакаат дополнително предавање на своите овластувања на бирократијата во Брисел се променила кога Велика Британија ја напушти ЕУ, па сега единствено Полска и Унгарија го задржуваат „антифедералистичкиот став“.