Европејците со децении се побогати економски од генерација на генерација.Од година во година, жителите на Стариот континент стануваа се побогати и побогати, но на таа среќна приказна и дојде крајот, бидејќи во последната година Европејците станаа посиромашни.

Американскиот Wall Street Journal пишува дека куповната моќ практично во сите европски земји се намалува од месец во месец. Французите јадат помалку деликатеси како паштета од гускин џигер, а покрај тоа пијат помалку црвено вино, Шпанците штедат на маслиново масло, Финците ги палат своите сауни во ветровитите денови кога струјата е поевтина. Во Германија потрошувачката на месо и млеко падна на најниско ниво во последните три децении, а пазарот на органска храна, кој до неодамна беше во метеорски пораст, сега е во исто толку метеорски пад. Во Италија се свикуваат кризни состаноци поради цените на тестенините кои поскапеа двојно повеќе од инфлацијата. Во различни земји има стотици слични примери, а поради падот на потрошувачката, Европа на почетокот на годината падна во рецесија.

Сегашната состојба во која се наоѓа Европа не се случи преку ноќ. Нејзиното население старее, а освен тоа, Европејците претпочитаат се повеќе слободно време и пократка работна недела, што го забави економскиот раст и ја намали продуктивноста низ годините. Потоа следеше веќе познатата пандемија Ковид-19 и војната во Украина, што резултираше со прекин на глобалните синџири на снабдување и нагло зголемување на цените на енергијата и храната. Реакциите на владите ширум континентот само го влошија проблемот, бидејќи за да се спасат работните места, властодршците најмногу се определија за модел на субвенции што ги насочуваа кон работодавците, што ги остави граѓаните – потрошувачите – во незавидна положба кога цените во продавниците скокнаа. За разлика од Европејците, Американците имаа повеќекратни придобивки од евтината енергија и пакетите помош кои нивната влада ги насочуваше главно кон граѓаните наместо кон работодавците за да ги поттикне да трошат.

Европа инаку има моќна извозна индустрија, а во минатото жителите на Стариот континент можеа да се потпрат на неа. Сепак, Кина, која претставува клучен европски пазар, исто така е во економски проблеми, кои потоа се прелеваат во Европа. Високите трошоци за енергија и распространетата инфлација што не се забележани од 1970-тите, ја намалуваат конкурентноста на европските производители на меѓународните пазари и ги нарушуваат некогаш хармоничните работни односи на континентот. Со забавувањето на глобалната трговија, зависноста на Европа од извозот – кој сочинува околу 50% од БДП на еврозоната во споредба со 10% за Соединетите држави – станува слабост.

Според податоците на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), потрошувачката во 20-те земји-членки на еврозоната е намалена за околу 1 отсто од крајот на 2019 година. Од друга страна, во САД истиот период се зголеми за речиси 9%. Европската унија сега сочинува околу 18% од вкупната светска потрошувачка, а САД со околу 28%. Пред 15 години, ЕУ и САД сочинуваа по околу четвртина од вкупната светска потрошувачка.

Прилагодени на инфлацијата и куповната моќ, платите паднаа за приближно 3% од 2019 година во Германија, 3,5% во Италија и Шпанија и 6% во Грција. Од друга страна, реалните плати во САД се зголемија за околу 6% во истиот период. Според податоците на ММФ, економијата на еврозоната пораснала за околу 6% во последните 15 години, а на САД за дури 82%. Директна последица на ова е што просечната земја на ЕУ е посиромашна од сите држави во САД, освен Ајдахо и Мисисипи. Ако сегашниот тренд продолжи до 2035 година, разликата помеѓу економското производство по глава на жител во САД и ЕУ ќе биде исто толку голема како онаа меѓу Јапонија и Еквадор.

Со оглед на зголемените трошоци за задолжување и потребата европските влади да ги зголемат воените трошоци, економистите очекуваат зголемување на даноците, што врши дополнителен притисок врз потрошувачите. А даноците во Европа се веќе високи во споредба со другите богати земји со околу 40-45% од БДП, во споредба со 27% во САД. Американските работници добиваат речиси три четвртини од платата, додека француските и германските работници задржуваат само половина од она што го заработуваат.