Антикорупциската комисија покрена иницијатива до Обвинителството во Струга, против градоначалникот на оваа општина, Рамиз Мерко, за кој утврди дека поставил В.Д. директорка во училиште, без да ги исполнува условите. Според членот на Комисијата, Шемши Салаи, директорката освен што предавала предмети за кои не била стручна, таа незаконски го дополнувала и фондот на своите часови, за што и помагале и поранешни директори, објави ТВ Алсат.
„Таа предавала предмети за кои не била квалификувана и не ги исполнувала условите за наставник согласно член 3 од законот за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта. Бидејќи дипломата е доделена на 01.04. од 2022 година и истата претходно била вработена со средно образование, лицето не ги исполнувало условите за в.д директор бидејќи немала најмалку 5 години работно искуство во образование, нема уверение за директорски испит, нема потврда за познавање на англиски јазик. Трето, градоначалникот на општина Струга не донел одлука училишниот одбор да распише јавен повик за директор и втор пат по ред го именувал истото лице за в.д“, вели Шемши Салаи, ДКСК.
Од Антикорупциска, велат дека и управните одбори на училиштата можат да распишуваат повик за директор, а не да го чекаат првиот човек на општината.
„Управните одбори, макар и самоиницијативно, можат да објавуваат повици и да не го чекаат градоначалникот, бидејќи доколку тој не ги исполни своите обврски, тогаш тие мора да го штитат јавниот интерес“, рече Нури Бајрами, ДКСК.
Ова не е прва пријава од Антикорупциската комисија доставена до Обвинителството. Антикорупциска пред три години поднесе предмет за набавката на луксузниот автомобил на Мерко, а пред два месеца покрена предмет и за „Водовод Струга“ и „Еко Струга“ јавно претпријатие кои се смесетни во иста зграда и плаќаат закупнина од 5000 евра. И додека Обвинителството и другите институции не постапуваат против градоначалникот на општина Струга, САД го ставија Мерко на Црната листа поради сомнежи за криминал и влијание врз судски одлуки.