Состојбата во Словенија се смирува, иако многу реки во централниот, северниот и источниот дел на земјата се уште се излеваат. Сава се излева во поголеми размери, во долниот тек во вечерните часови ќе го достигне највисокиот проток. Бројни интервенции се евидентирани и во текот на ноќта, дежурните екипи и надлежните служби се на терен и продолжуваат со отстранување на настанатите последици и помош на населението.

Министерот за одбрана Марјан Шарец најави дека Словенија ќе побара меѓународна помош, а еврокомесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич во наредните денови ќе ја разгледа состојбата во земјата.

„Словенија се соочува со најтешката природна катастрофа во поновата историја“, изјави словенечкиот премиер Роберт Голоб по денешната владина седница, додавајќи дека две третини од Словенија е погодена од поплавите. „Покажавме волја и одлука да дејствуваме обединето за да им помогнеме на граѓаните што е можно поскоро. Продавниците со храна и технологија, каде што е можно, ќе работат и во недела“, најави Голоб.

На средбата политичкиот врв се запозна со извештаите на Цивилната заштита и министерствата. „Штетата ќе надмине 500 милиони евра“, изјави Голоб за првата проценка на штетите, кој најави дека веќе се подготвуваат законски измени, па и Владата ќе се состане за што поскоро да донесе интервентен закон.

Напорите повторно да се овозможи нормален живот ќе бидат големи, предупреди премиерот. Оштетени се главно патна и енергетска инфраструктура и стотици станбени згради.

-Целта на законските измени е да се зајакнат општините за и без систем за јавни набавки да можат да спроведат мерки за итна интервенција на терен, рече Голоб.