Извршителите веќе пресметуваат запирање на наплата на затезна камата која го надминала основниот долг, но нема да прифатат барање за застареност на долгови како што предвидуваат законските измени.
Се работи за законски решенија кои се косат со други законски одредби, велат извршителите. Од Комората информираат дека тие се ненадлежни да прогласуваат застареност.
– Извршителот не е надлежен по службена должност да одлучува застареност на побарување, утврдено во извршна исправа за кое е поднесено барање за извршување. Секој поднесок од странка во кој се повикува на застареност, извршителот со заклучок ќе го отфрли поради ненадлежност – велат од Комората на извршители.
Токму ваквите недоречености според синдикалецот Марјан Ристески, ги прават законските измени неприменливи. Тој веќе оцени дека не се спорни затезните камати кои извршителите запираат да ги наплаќаат кога ќе го достигнат основниот долг, но спорна е применливоста за застарување на ретроактивноста.
За ова веќе реагирала и бизнис заедницата. Адресирале забелешки до претседателот Пендаровски, кој веќе стави потпис на указите за прогласување на законите. Меѓудругото од Организацијата на работодавачи велат дека со сегашните решенија се нанесува штета на фирмите кои со години чекаат наплата на побарувања, не само од граѓани должници, туку и од други компании, од јавни претпријатија, општини.
Утврдувањето на ретроактивното дејство на законите е апсолутно неоправдано со што претставниците во законодавниот дом забораваат дека покрај должници физичките лица истите може да бидат и доверители и ваквите решенија не само што не се поволни, туку се и погубни за физичките лица-доверители кои ги исполниле своите обврски кон должниците, а тие неодговорно и без никакво оправдување врз основа на протек на време да бидат ослободени од истото. – пишува Организацијата на работодавачи на претседателот Пендаровски.
Тој им возвратил дека ставил потпис на указите во интерес на граѓаните.
– Водејќи се од добрите интереси за правата на граѓаните на Република … Македонија, указите за прогласување на предметните закони се потпишани. Истовремено, веруваме дека државата ќе изнајде механизам за решавање на предизвиците со кои Вие евентуално би се соочувале. – рее Пендаровски.
Владата направи законски измени со кои долгот по основ на затезна камата не смее да биде поголем од основниот долг, токму ова беше еден од најголемите проблеми за кои граѓаните реагираа со години, реагираше и Народниот правобранител. Во извршителската пракса има предмети за наплата на долгови кои се провлекуваат со децении, па една од целите беше да се скрати рокот во кој довирителите треба да си побараат наплата.
Но, проблематично остана решението за ретроактивност на долговите новиот тајминг за застарување за што во најава е иницијатива пред Уставен суд.