Не можеме да ги изедначиме луѓето кои работеле 45 години и тие што работеле 15 години, изјави министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, на гостувањето во летното издание на Клик Плус на ТВ 21 во врска со барањето за линеарно зголемување на пензиите.
– Имавме ние конструктивни средби со пензионерите во изминатиот период. Тие велат дека со животниот стандард и висината на пензии се доведени да преживуваат. И јас се согласувам дека најниските пензии се мали. Но, износот на пензиите зависи од тоа колку во нашиот работен век сме придонеле во пензискиот систем и во должината на работниот стаж. Не можеме да ги изедначиме луѓето кои работеле 45 години, и луѓе кои работеле 15 години. Не може да ги изедначиме луѓе кои работеле на сложени работни места, и имале поголеми плати, и луѓето кои имаат минимална плата, а платата се формира согласно сложеноста на работа. И тоа што го инвестираме во пензискиот фонд низ работниот век, тоа ни се враќа со пензиите, изјави Тренчевска.