Премиерот Димитар Ковачевски вечерва во „10 Минути“ на ТВ21 порача дека ништо не е променето околу парламентарните избори.

„Изборите ќе бидат во својот редовен термин, заедно со претседателските“, порача Ковачевски.

Тој вели дека засега не е разговарано за постизборни коалиции бидејќи не се толку блиску до изборите кои ќе бидат идната година.

„Тоа сепак зависи од програмско, кадровско усогласување, од усогласување на вредностите во многу аспекти во партиските програми“, вели Ковачевски.

За средбата со заменикот помошник државен секретар на САД, Габриел Ескобар, во Скопје, како и за значењето на продолжувањето на европските интеграции истакна: 

„САД сакаат да ја видат … Македонија како дел од ЕУ. Тие беа наша најголема поддршка кога станувавме дел од НАТО. И според сè она што го носиме како вредности како општество, граѓани и држава, тие сметаат, а тоа не се разликува воопшто од она што ние сметаме, дека … Македонија покрај членството во НАТО, треба да биде дел и од ЕУ. Заложбите на Владата и она што Владата го работи како проевропска Влада апсолутно се совпаѓаат со стратешките интереси на САД и тоа беше истакнато, дека секогаш се ценат како партнери оние што се ЗА поддршка на НАТО и европските интеграции и на владеењето на правото во државите“, соопшти премиерот Ковачевски.

„Ако ја видите и денешната прес-конференција на претставникот на САД, тој јасно кажува дека партнери на САД се тие коишто се за НАТО интеграции ЕУ интеграции и за владеењето на право“, рече премиерот Ковачевски.

Претседателот на Владата Ковачевски, оцени дека политика на блокада и изолација е кочење на процесите кои значат подобар живот и интеграција на државата.

„Да не заборавиме ние почнавме европски интеграции заедно со Хрватска 2006 година, денес Хрватска е земја членка на ЕУ, дел од Шенген и земја која воведе евро. А ние дури минатата година ги почнавме преговорите со ЕУ, благодарение на оваа Влада. Нашите граѓани не заслужуваат повторно да седат во чекалната како што изјавува претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, кој вели ако треба ќе чекаме 10 и 20 и 30 години“, констатираше премиерот Ковачевски