Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко денеска изјави дека ги предупредил лидерите на руските платеници Евгениј Пригожин и Дмитриј Уткин, за кои се верува дека загинале во авионска несреќа во Русија, да бидат внимателни.
Рускиот претседател Владимир Путин најпрво вети дека ќе го уништи јунскиот бунт на Пригожин, споредувајќи го со воените превирања што започнаа со револуцијата во 1917 година, но неколку часа подоцна беше постигнат договор да му се дозволи на Пригожин, шефот на Вагнер и некои од неговите борци да заминат во Белорусија.
Лукашенко денеска изјави дека двапати на Пригожин му изразил загриженост за неговата безбедност, но двата пати Пригожин ги отфрлил. Тој додаде дека за време на бунтот го предупредил Пригожин дека ќе „умре“ ако продолжи да маршира кон Москва. „По ѓаволите со тоа – „Ќе умрам“, одговорил Пригожин, според белорускиот претседател.
Лукашенко рече дека ги предупредил Пригожин и Уткин по втор пат кога дошле да го посетат. Уткин помогнал во основањето на групата Вагнер и е наведен како патник во соборениот авион. „Момци – внимавајте“, наводно им рекол Лукашенко. Лукашенко, стар познаник на Пригожин и близок сојузник на Русија, изјави дека Путин нема никаква врска со авионската несреќа.
„Го познавам Путин: тој е пресметан, многу мирен, дури и бавен“, рече Лукашенко. „Не можам да замислам дека Путин го направи тоа и дека Путин е виновен. Тоа е едноставно премногу груба и непрофесионална работа“, додаде тој. Лукашенко рече дека борците на Вагнер ќе останат во Белорусија.
„Вагнер живееше, Вагнер живее и Вагнер ќе живее во Белорусија. Сѐ додека ни треба оваа единица, тие ќе живеат и работат со нас“, заклучил белорускиот лидер.