Протест на граѓаните е најавен за вечерва во 18 часот пред Влдата поради случајот со Клиниката за онкологија.
Протестот, како што е соопштено ќе почне пред Владата, а потоа ќе продолжи пред Министерството за здравство.
Во објавата којашто се шири преку социјалните мрежи се наведува дека ќе биде упатен повик на оставка и одговорност од сите министри за здравство.
-Бруталноста на власта секој ден носи нови жртви, а овој пат жртви се пациентите на Клиниката за онкологија кои со месеци во живото-загрозувачка состојба чекаа лекови, додека лековите завршуваа на црниот пазар во Косово. Се работи за организиран криминал каде се инволвирани највисоки функционери на власта и истиот трае со години. Скандалот со кражбата на лекови на Онкологија не смее да помине неказнето и повторно само кабелот да биде виновен!, стои во објавениот повик на социјалните мрежи.
Организаторите на протестот, кои не се посочени во објавата, велат дека нема да прифатат одговорност само од најнискиот ешалон на Клиниката туку дека ќе бараат кривична одговорност за владините функционери.
-Бараме одговорност од министрите Венко Филипче, Беким Сали и Фатмир Меџити. Бараме одговорност од замениците-министри за здравство Илир Хасани и Маја Манолева. Бараме одговорност од поранешната директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Ирина Сотирова-Бухова и актуелната директорка Рената Младеновска, стои во објавата.