Како што беше вчера најавено на прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ, денеска 20 пратеници од коалицијата на оваа партија доставија своерачно потпишан предлог за основање на собраниска анкетна комисија за „скандалот во ЈЗУ Клиника за радитерапија и онкологија“. Собранието го прифати предлогот за утврдување на политичка и друга одговорност. Анкетната комисија ќе ја сочинуваат шест пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, пет на СДСМ, два на ДУИ и еден на Алијанса за Албанците. Комисијата ќе утврдува дали биле загрозени основните човекови права на пациентите и ќе ги информира надлежните органи и институции.
Комисијата најдоцна по еден месец од завршувањето на својата работа ќе треба да му поднесе конечен извештај на Собранието.
Прифаќањето на предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е еден од ретките случаеви на едногласност на пратениците во актуелниот состав на Собранието на Македонија.
Предлогот за формирање анкетна комисија го образложи пратеникот Антонијо Милошоски кој рече дека деновиве нема поголемо прашање од јавен интерес за тоа кој ја сноси политичката одговорност за морбидниот профит кој некој го правел на Онкологија на сметка на здравјето на пациентите.
На денешната седница, е прифатен и предлогот на пратеникот Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ, за разгледување на конечниот извештај за работењето на таа клиника.
„Самото непостапување по ревизорскиот извештај кој утврдил нерегуларности носи директна одговорност на Владата“, рече Лефков.