Наместо министерот за правда, измените на Кривичниот законик пред пратениците ги правдаше неговата заемничка Викторија Мадиќ.

Неофицијално, Лога не се согласува со законскиот измени со кои се намалуваат затворските казни за злоупотреба на службената положба и злосторничко здружување, објабува Сител.

За разлика од него, Мадиќ вели дека измените на Кривичниот законик се дел од новиот концепт според европските регулативи и токму затоа е ставено и европското знаменце. На сметка на намалените затворски казни, потенцира дека се олеснува конфискацијата на нелегално стекнатиот имот.

Пратениците од власта и опозицијата со спротивни ставови. Според ВМРО-ДПМНЕ власта се подготвува за опозиција и амнестија на сите криминали направени во изминатите 6 години. Со овие законски измениу велат, помали казни ќе добијат дури и оние кои ќе бидат обвинети за скандалот на Онкологија.

Според СДСМ пак, високите казни од 19тиот век не се решение за борба со криминалот.

БЕСА, Алтернатива и Демократското движење пак денеска со свој сомнеж, зошто се менува Кривичниот законик. Велат дека на ваков начин ќе застарат речиси сите кривични дела за кои е обвинет екс премиерот Груевски.

Измените на Кривичниот законик ги коментираше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски вели дека ова е јасен сигнал дека СДСМ се подготвува за опозиција, но дури и со ваков закон, одговорност ќе има за сите криминали.

Според измените на Кривичниот законик кој во Собранието пристигнаа вчера по скратена постапка и со европско знаменце се предвидува дека злоупотребата на службената функција ќе се казни со затвор од 1 до 4 години, а со воведувањето на горната граница од 4 години делото може побрзо да застари. За злосторничко здружување казната затвор од 10 години се намалува на најмногу 3 .