Боби Бојчевски, национален координатор во Независниот синдикат на здравствени работници за Радио Слободна Европа тврди дека нема партиски влијанија во најавата за протести. Бараат и итно да се реши случајот на Клиниката за онкологија кој беше откриен откако проговори медицинска сестра.
Кои се барањата на Независниот синдикат на здравствени работници кои ги испрати до Премиерот и Министерот за здравство?
Првото барање е платата да се покачи 30% за сите здравствени работници, од административен персонал па се до доктор. Второто е за колективниот договор бидејќи овој договор што е моментално е најлошиот во историјата што постои во здравствениот систем на Република … Македонија, бенефициран стаж за луѓето кои работат на рендген институти и психијатриските болници. Четвртото барање е да се зголеми коефициентот и петтото барање е за големиот број млади луѓе кои работат под некаков договор на дело. На пример има лаборанти, млади деца кои осум часа работно време професионално си ја извршуваат работата и земаат само 20 илјади денари. Не е пријавен ни пензиско ни здравствено и има само седум дневен работен одмор. Очекуваме да се реши и нивниот статус.
За кое од барањата може да направите отстапки?
Значи се работи само за пет барања, некој ако сака може веднаш да ги реши. Не се тоа некои големи барања. Нека пресметаат, колку сме еве 25 илјади здравствени работници, да се види просечно платата колкава е колку би чинело на тие да се даде 30 проценти. Мора да истакнам, ние сме амортизери, што ќе се случи ако ние излеземе на улица? За тоа апелирам до власта, до министерот нека ги решат нашите проблеми кои се натрупале со години. Во моментов имаме таква галопирачка инфлација што ништо не значи покачувањето од 10% , тоа ни го зема инфлацијата, покачувањето од септември веќе е потрошено.
Може ли да се протолкува дека најавениот протест е политички мотивиран со оглед на тоа што вие одамна сте член на ВМРО ДПМНЕ, сте биле претседател на општинскиот Совет во Бутел, но и кандидат за пратеник?
Тоа е мое минато но до 21016 година, и јас потоа се откажав од сите функции. Јас сега не сум партиски определен туку јас се вклучив во синдикатот пред неколку месеци поради тоа што секојдневно ги слушав разговорите меѓу вработените. Со опозицијата не сум разговарал за поддршка, настапувам самостојно како независен кандидат. Апелирам, луѓе заборавете на партии, никој нема да ни го реши проблемот ако ние заедно не се сплотиме и не излеземе.