Советот на Народната банка на Република Македонија на денешната седница ги донесе Стратегискиот план и Програмата за истражувачка активност на Народната банка за периодот 2019-2021 година.
Стратегискиот план за следниот тригодишен период, информираат од НБРМ, содржи единаесет стратегиски цели кои јасно ја изразуваат определбата за одржување ниска и стабилна инфлација преку стратегијата на одржување стабилен курс на денарот во однос на еврото, одржување финансиска стабилност како составен елемент на макроекономската стабилност и предуслов за остварување економски раст и просперитет.
– Имајќи го предвид динамичното и променливо опкружување, во рамки на Стратегискиот план се разработени основните предизвици во работењето, како и најважните, критични точки на делување во наредниот тригодишен период. Утврдените стратегиски цели се основа за изработка на плановите на организациските единици и програмата за работа на Народната банка за следната година, соопшти НБРМ.
Со донесената Програма за истражувачка активност, се додава во соопштенеито, е предвидено и во периодот 2019-2021 година, истражувачката активност на Народната банка да биде насочена кон областите кшто се од значење за остварувањето на основните цели и задачи на институцијата.
– Истражувањата предвидени за следниот тригодишен период се очекува да дадат поддршка на процесот на одлучување, како и да придонесат за поуспешно функционирање на централната банка и за нејзина подговеност за соочување со идните предизвици. Споредено со претходната тригодишна програма, програмата за периодот 2019-2021 година предвидува дополнителни проекти во доменот на монетарната политика, заемното делување меѓу основните макроекономски сектори, макроекономското моделирање, финансиската стабилност и останатите области, се вели во соопштението од НБРМ.
Дополнително, се додава, програмата го потенцира значењето на новите статистики и зајакнувањето на постојните статистички бази во и надвор од Народната банка, во функција на нови продлабочени истражувања во доменот на економијата.