Елка Јачева-Улчар од Институтот за македонски јазик Крсте Петков Мисирков, еден од нашите најголеми експерти во својата област, за „Денешен“ објаснува зошто не смее да се дозволи додавка меѓу Република и Македонија, ниту пак смееме да прифатиме додавка во заграда. Еве, кои се замките што се кријат зад ваквите предлози:

-Доколку меѓу Република и Македонија се стави каква и да било определба, во случајов придавска (која служи за доконкретизирање на географскиот простор Македонија, но не и на државата, зашто на државата ѝ е доволна определбата Република, што сама по себе дава информација за државно уредување, кое може да стои единствено пред име на држава, а не на област), тоа повлекува во изведенките на етникот (име на жител) или на ктетикот (посвојна придавка од име) од, на пр., синтагмата Северна Македонија да се најде придавската компонента, па етникот без никаква лингвистичка пречка да гласи Северномакедонец, а ктетикот северномакедонски. Сметам дека токму поради ова, грчката страна не сака да оди определбата пред именката Република, ами меѓу именките Република и Македонија, истакнува Јачева-Улчар.

Според неа, грешка е и евентуалниот предлог, кој многумина го сметаа за безболен, а впрочем со таков предлог отидовме и во Букурешт 2008 година, за додавка во заграда после името Република Македонија:

-Ставањето на топоним во заграда во картографијата упатува на тоа дека топонимот што е во заграда е поранешно име за земјата што во нашиот случај не би соодветствувало на реалноста. Имено, доколку би се ставило нешто во заграда по Македонија, на пр. Република Македонија (Скопје) тоа така напишано би значело дека поанешното име на РМ било Скопје што не соодветствува на реалноста, додава Јачева Улчар за „Денешен“.

Претходно, таа на својот фејсбук профил објави подолг текст во врска со преговорит што се водат со Грција под наслов ИРОНИЧНА/АПСУРДНА МАКЕДОНИЈА. Еве што таа порача:

„Имам некаква неодолива потреба да придонесам и јас нешто во врска со името, кое, ете, нели, супер е да се смени, зашто потоа „безусловно“ ќе бидеме прегрнати и од ЕУ и од НАТО. Не за друго, колку да си ја оправдам титулата пред името. Ономастичар сум, една ретка сорта во македонската наука за јазикот – и живи и умрени нЕ сме повеќе од 10. Ама еве и тие 5-6 останати, сЕ уште, живи – никој за ништо ниту нЕ прашува, ниту му паѓа на памет да нЕ праша. Политичка работа било тоа, а ние во политика не се мешаме; или подобро речено некои од нас, меѓу кои и јас – не се мешаме. Неколку пати кажав и еве сега пак ќе кажам дека меѓу Република и Македонија не треба да стои ништо. Ако нешто треба да се смени, т.е. да се додаде, треба да се додаде определба пред зборот Република. Заграда/загради во името не идат предвид. Заградите во картографијата имаат сосема друго значење од она што ние, односно „оние“ сакаат да му го припишат на нашето име. Не знам ни самата колку пати кажав овде по ФБ, а тоа сум им го кажала и на високи функционери во поткомисијата УНГЕГН при ООН, дека за дистинкција меѓу државата Македонија и областа Македонија доволна е определбата Република, при што името Република Македонија е прифатливо за 140 од 180 во ООН. Ама, ете, „судбина јарцу да носи рогове“ – велевме кога бевме млади во СФРЈ…
Но да се вратам на мојот предлог и, се разбира, ќе се обидам да ја свртам работава на смеа, иако моментумов (како што велат некои од нашите новинари), ама ич не е за смеење.
Се мислам јас меѓу две определби што би дошле пред Република: Иронична или Апсурдна. Јас веројатно имам проблем со појмувањето на иронијата и апсурдот како такви, па затоа очекувам од вас да ми помогнете – што од овие два предлога е подобро решение за вас.
Зошто ИРОНИЧНА или АПСУРДНА?
1. Иронично е, имено, во Република Македонија да се слави 1000 години од воспоставувањето на Охридската архиеписокпија, а МПЦ-ОА по 1000 години и натаму да не биде призната од ниеден севселенски патријарх: ниту руски, ниту цариградски!
2. Иронично е првиот писмено фиксиран јазик – старословенскиот да почива на македонските говори од селата Сухо, Висока и Зарова, да биде признат овој јазик од папата во РИМ пред 11 века, а македонскиот јазик во 21 век, стандардизиран повеќе од 70 години, со своја граматика, правопис и речник, со свои милиони страници убава литература напишани на него, со свои изградени функционални стилови, и натаму и постојано да биде омаловажуван, потценуван и бришан во ЕУ, во истата таа заедница која без проблем прифаќа постоење на босански и црногорски јазик кои само до вчера „се покриваа“ со српското и хрватското јазично ќебе.
3. Иронично е да се меша историја на територија со историја на нација исто толку колку што е иронично да се меша биолошки со социолошки идентитет. Идентитетот е комплексна категорија настаната со испреплетување на разнородни нишки: биолошки, културолошки (тука и јазикот како дел од културата), социолошки, родов… И нема чист идентитет, автохтон, кој следи една единствена нишка од горенаведените.
4. Иронично е некој да ти ја признава територијата, ама не и нацијата и јазикот.
5. Иронично е некој да ти кажува како да се викаш, а ти сакаш да се викаш како што се викаш.
6. Иронично е да имаш црква – православна, ама во неа да не може да се крштева или да се венчава некој што е православен, ама е од Русија или од Србија, на пример.
7. Иронично е во поглемиот дел на земајата да живее словенско наслеление кое зборува македонски и официјален јазик да е тој јазик како средство за комуникација за сите што живеат во Македонија, а со закон да се направи целата држава двојазична, зашто инаку сеиграчкиот коалициски партнер може преку ноќ да реши да се здружи со десниот брат, се разбира ако најголемиот брат му го дозволи тоа.
8. Иронично е по нечија туѓа желба да се откажуваш од своите малцинства и мирно да молчиш и да наведнуваш глава дури другите ги присвојуваат и ги именуваат со свое име, додека ти ги користиш само како гласачко тело.

Ова е таа иронија во која тоне Македонија од латералните напади на своите соседи.

За иронијата внатре која го задушува Македонецот, обичниот човек, кој нема ни бате, ни вујче во Влада или во Собрание, во некоја друга пригода. Долг е тој список на наши апсурди и иронии. И не се од вчера. Се родија тие уште во време Бранково, а потоа се котеа, котеа, котеа…. и уште се котат… веројатно, сЕ додека не експлодираме однатре. Па сепак… врв на иронијата дома е: во, речиси, 30 години самостојност да не се зацртаат националните приоритети и натпартиски црвени линии… исто толку колку што е иронично да не се користат ресурсите на националните научни институти и политички да се инструментализираат, или што е уште поиронично, дури најиронично: ПОЛИТИКАТА да се поставува НАД НАУКАТА!“