Ексчленот на Судскиот совет, Зоран Теофиловски се ослободува од гонење, бидејќи му застаре делото со измена на Кривичниот законик. Тој беше гонет за кривично дело „злоупотреба на службена должност и овластување”.
„З.Т. -член на Судски совет“ на кое рочиште јавното обвинителство предложи судот да донесе решение за запирање на кривичната постапка поради измените на Кривичниот законик. Судот донесе решение со кое ја запре постапката поради настапување на апсолутна застареност на кривичното гонење“, соопшти Коалиција за правично судење.
Според обвинението, Зоран Теофилоски, како одговорно лице – претседател на Тениско спортско здружение Љуботен Тетово и Цветко Наумовски како одговорно лице – управител во правното лице Друштво за спортски активности Тениски Клуб Љуботен ДОО Тетово, со умисла ги потикнале обвинетите Ајдин Нуредини како лице кое врши работи од јавен интерес и службените лица Џемал Абди, Имран Куртиши, Кренар Ибрахими и Идриз Реџепи со искористување и неизвршување на нивната службена положба и овластување, со умисла да прибават значителна имотна корист за правното лице Друштво за спортски активности Тениски Клуб Љуботен ДОО Тетово, а на штета на средствата на државата – сопственост на градежно земјиште, во вредост од 22.050.000 денари.
По наредба на Обвинителството за организиран криминал и корупција, во 2019 година беа приведени петмина вработени во Општина Тетово, а Одделот за организиран криминал во МВР го бараше членот на Судскиот совет Зоран Теофиловски, главниот обвинет.
„Се работи за незаконска легализација и за приватизација на атрактивно земјиште“, кажа тогаш шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска.
Денеска, ЈО побара одложување и на судењето за Трезор, каде Сашо Мијалков и други се обвинети за незаконска набавка на прислушна опрема од Британија.
„Рочиштето беше одложено по барање на јавниот обвинител, поради потребно време за донесување на јавнообвинителска одлука согласно измените на Кривичниот законик“, било констатирано на записник од „судењето“.
Мијалков првично во „Трезор“ беше осуден на 8 години затвор, но Апелациониот суд Скопје го врати предметот на повторно судење.