Владини претставници на чело со премиерот Димитар Ковачевски денес најавија дека ја отвориле најголемата приватна фотоволтаична централа на Балканот.
Станува збор за „ФЕЦ Новаци“ со капацитет од 55 мегавати и проектирано годишно производство од 85.000 мегават часови електрична енергија, инвестиција на компанијата Меј Енерџи од 40 милиони евра што се простира на површина од 57 хектари во општина Новаци, на само 50 метри од одлагалиштето на јаловина од рудникот Суводол.
-Зборуваме за иднината и за нови проекти кои носат стабилност и сигурност во снабдувањето со електрична енергија што значи силна економија и подобар животен стандард за граѓаните. Не случајно нè нарекуваат земја на сонцето. Убеден сум дека оваа фотоволтаична централа ќе дава за 20 до 25 отсто повеќе од предвидениот капацитет од 85.000 мегават часови зашто сончевата инсолација во нашата земја е најдобра во однос на сите држави во светот, рече премиерот Димитар Ковачевски во својот говор.
Тој посочи дека оваа земја која во моментов е пример за енергетска трансформација може да биде најдобриот пример како земја-членка на ЕУ за зелен центар на ЕУ во моментот кога до 2030 година ќе станеме земја-членка на Унијата.
Но, премиерот Ковачевски денес не ја зборуваше вистината, пишува Курир. Или ако можеби немал точни информации, требало некој од владините министри или стручни советници да го проверат податокот кој тој го истакна пред јавноста.
Производителот на рафинеријата на нафта и петрохемиски производи Хеленик Петролеум го пушти во употреба најголемиот соларен парк кој се наоѓа во Грција. Тоа е најголемиот систем со двофацијални панели во Европа.
Компанија за фосилни горива изгради огромна соларна централа користејќи иновативна технологија во област која се трансформира од центар за јаглен во досега невиден модел за напредок во енергетскиот сектор и економскиот развој воопшто.
Фотоволтаичната централа на северот на Грција се протега на 440 хектари. Се состои од 18 единици поврзани на истата трафостаница, со високонапонска врска од 12 километри.
Годишното производство се проценува на 350 GWh, што е еквивалентно на потрошувачката на 75.000 домаќинства во Грција. Инвестицијата е вредна 130 милиони евра, со 40% учество на домашни материјали, опрема и работна сила.
Со лесно достапни факти, лесно е и да се направи споредба, па јасен е заклучокот дека Ковачевски или не е информиран или се обидел да манипулира. Тој денес ја отвори “најголемата“ фотоволтаична централа на Балканот – која е далеку од најголема!